ДАКА (АА) - Двајца припадници на војската на Мјанмар пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) признаа дека извршиле злосторства врз малцинските муслимани Рохинџа во западната мјанмарска држава Аракан, се вели во соопштението на меѓународна група за заштита на човековите права, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Двајцата одделно тврдеа дека постапувале по наредба на високи команданти за „истребување на сите [Рохинџи]“,„застрелување на сè што гледате и сè што слушате“ и за „убивање на сите Рохинџи во одредените области“, објави организацијата „Фортифај рајтс“ (Fortify Rights).
Активистите за заштита на правата и експертите го дефинираа ова како голем напредок во барањето правда за Рохинџите против властите на Мјанмар за геноцид и етничко чистење. Тие се први признанија на припадници на Вооружените сили на оваа земја во југоисточна Азија за масовни убиства, силувања и злосторства против човештвото откако се појавија извештаите за нападите врз Рохинџите во 2012 година.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА), Метју Смит, директорот на „Фортифај рајтс“, рече дека признанијата ќе помогнат во случајот против Армијата на Мјанмар за прогонство на Рохинџите во текот на процесот пред Меѓународниот кривичен суд.
„Ниту еден виновник од Мјанмар досега официјално не бил ниту близу Меѓународниот кривичен суд, а сега имаме двајца сторители во Хаг кои може да станат внатрешни сведоци“, рече Смит.
Тој додаде: „Она што е значајно е што двајцата биле активни во два различни града, истовремено следејќи ги наредбите под команда на различни команданти, што укажува на оперативна конзистентност помеѓу баталјоните, координација и намера за вршење геноцид.“
- Признание за геноцид -
Според изјавите, „Фортифај рајтс“ доби две видеа од признанијата на војниците Мио Вин Тун и Зав Наинг Тун.
Смит рече дека и двајцата се во притвор во Меѓународниот кривичен суд во Хаг, иако Судот го негираше ова.
„Пешадиските баталјони 565 и 353 беа активни во државата Аракан за време на воените операции за „чистење“ на цивилите Рохинџи во 2016 и 2017 година“, додава, повикувајќи се на единиците на двајцата војници.
Во соопштението понатаму се вели: „Во необјавените признанија, војникот Мио Вин Тун ја опишува неговата вмешаност во убивањето жени, мажи и деца Рохинџи, и призна дека извршил силувања во селото Таунг Базар и околните села во гратчето Бутидаунг во септември 2017 година.“
„Зав Наинг Тун ја призна неговата вмешаност во убивањето, закопувањето тела во масовни гробници и во други злосторства против Рохинџите во пет села во гратчето Маунгдав за време на операциите за расчистување на Армијата на Мјанмар во 2017 година“, се вели во соопштението.
Војниците исто така ги наведоа имињата и чиновите на 19 директни извршители од Армијата на Мјанмар, меѓу кои се и тие, како и шест високи команданти - потполковник, полковник и тројца капетани - за кои тврдат дека ги издале наредбите или придонеле за злосторствата против Рохинџите.
Во соопштението се додава дека Араканската армија - етничка бунтовничка група што моментално учествува во вооружен конфликт против Мјанмар во државата Аракан - ги снимила признанијата на Мио Вин Тун на 23 јули 2020 година и на Зав Наинг Тун на 8 јули 2020 година.
Во средината на август, двајцата дошле на границата меѓу Мјанмар и Бангладеш барајќи заштита од властите на Бангладеш, која потоа како држава членка на Римскиот статут, го известила МКС за двајцата поранешни војници.
Осврнувајќи се на едно од признанијата, во соопштението се додава дека Армијата во септември 2017 година ги уништила селата на Рохинџите во околината на Таунг Базар во гратчето Бутидаунг.
„Тој исто така призна дека извршил силувања, дека бил вмешан во убивањето на 30 мажи, жени и деца во Таунг Базар и во дополнителни убиства на 60 до 70 цивили во село по село во близина на Таунг Базар.
„Тој и неговиот баталјон „избришале“ 20 села на Рохинџите во Маунгдав во септември 2017 година и учествувал во убивање на околу 80 цивили, вклучувајќи деца, возрасни, жени, па дури и стари лица преку координирани масакри.“
„Врз основа на овие признанија, двајцата војници можат да бидат директно одговорни за убиството на 180 цивили Рохинџи“, се додава во соопштението.
- Меѓународниот судски процес -
Директорот на „Фортифај рајтс“, Смит, рече дека признанијата, за кои изјави дека се веродостојни, „поткопуваат сè што Мјанмар негира“ пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во случајот што го подигна Гамбија во 2019 година во име на Организацијата за исламска соработка.
Сепак, тој истакна дека Обвинителството „одбива да коментира за тековната истрага, а портпаролот на Судот јавно негираше дека двајцата мажи се во притвор“.
„Сметам дека портпаролот на Судот се потпира на техничката дефиниција за „притвор“, што е во ред, но реалноста е дека двајцата учесници во масакрите врз Рохинџите се наоѓаат во Хаг, во судски притвор“, рече Смит.
Изразувајќи надеж дека признанијата ќе го забрзаат процесуирањето на сите инволвирани во масакрот врз Рохинџите, Смит додаде: „Тие [двајцата војници] треба да бидат гонети и обвинителот треба да работи со нив за гонење и на други одговорни лица.“
За Агенција Анадолија (АА), Џон Квинли, висок експерт за човекови права во „Фортифај рајтс“ изјави: „Ова е голем чекор за правда за Рохинџите и за одговорноста за овие злодела.“
„Признанијата на овие двајца мажи за злосторства одговараат на нашата тековна документација за геноцидот во Мјанмар.“
Муслиманите Рохинџа, кои ОН ги опишаа како најзагрозено национално малцинство во светот, се соочуваат со сè поголем прогон и напади од 2012 година.
Настаните кои маката на араканските муслимани ја ставија во фокусот на светската јавност се случија на 25 август 2017 година.
Под плаштот на борбата против милитантните напади врз полициските пунктови, војската на Мјанмар и будистичките милитанти тој ден започнаа брутални напади врз муслиманите Рохинџа во кои свирепо се убиени над 24.000 припадници на тоа малцинство.
Нападите прераснаа во класична форма на етничко чистење, а мјанмарската војска запали стотици муслимански села. Според податоците на ОН, од август 2017 година од тој регион во соседен Бангладеш пребегаа над 900.000 муслимани.
Гамбија на 11 ноември 2019 година поднесе тужба за геноцид против Мјанмар.
Меѓународниот суд на правдата на 23 јануари 2020 година побара од Мјанмар да преземе мерки за спречување на убиствата и злосторствата над муслиманите Рохинџа.