АНКАРА (АА) - Во светот, на секои 10 минути животот го губи по едно девојче поради насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA), иако во последните 15 години на глобално ниво се забележува значително подобрување на животот кај девојчињата во пубертет, во земјите во развој тие сѐ уште се принудени да живеат во лоши услови.

Според податоците на Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ), во светот живеат околу 1,1 милијарда девојчиња. Од нив, 62 милиони не одат на училиште. Околу 16 милиони девојчиња на возраст од 6 до 11 години се соочуваат со ризикот да не започнат со своето образование.
Во светот, едно од 7 девојчињата на возраст од 15 до 19 години се мажи под присила. Кај земјите во развој, едно од 3 девојчиња се мажи на возраст под 18 години, а едно од 9 се мажи пред да наврши 15 години.
Девојчињата кои се мажат на мала возраст, иако физички и психички не се подготвени за брак, во најголем број случаи се жртви на физичко и сексуално насилство. Многу голем дел од овие девојчиња, поради преземањето на домашните обврски се принудени да се збогуваат со своето образование.
Според податоците на ОН, веројатноста за стапување во брак на мала возраст меѓу девојчињата од сиромашни семејства е за 2,5 пати поголема отколку кај девојчињата во богатите семејства.
Според податоците на УНИЦЕФ, во светот има 700 милиони девојчиња омажени под 18 години. Од нив, 125 милиони живеат во Африка.
Во земјите од Потсахарска Африка, 39 отсто од девојчињата се мажат на возраст под 18 години. По овие земји, следуваат земјите од Латинска Америка, Карибите, Средниот Исток и од Северна Африка.
Во Латинска Америка, околу 23 отсто од девојчињата се мажат на возраст под 18 години, а земја со највисок процент на бракови на девојчиња под 18 години е Никарагва, со 41 отсто. Во Доминиканската Република, овој процент изнесува 37 отсто, Бразил 36, Хондурас 34, Гвателама 30 и Мексико 23 отсто.
На подрачјето на Средниот Исток и во Северна Африка (МЕНА), околу 18 отсто од девојчињата се мажат пред да наполнат 18 години. Во земјите од ова подрачје, едно од 5 девојчиња се мажи на возраст под 18 години. Процентот на малолетни бракови во Јемен изнесува 32 отсто, а пак во Алжир тој изнесува 3 отсто.
- Деца-мајки -
Меѓу девојчињата кои се мажат на детска возраст, голем е процентот на бременост, бидејќи не им се познати методите за контрола на раѓањето. Кај земјите во развој, 9 од 10 девојчиња мажени под 18 години затруднуваат. Секој ден се пораѓаат околу 20.000 девојчиња под 18 години. Смртноста кај девојчињата на возраст меѓу 15 и 19 години првенствено се должи на компликациите кои настануваат за време на породувањето.
Забременувањето и породувањето на малолетни девојчиња кои физички и психички не развиени, носат голем број здравствени проблеми.
- Девојчињата повеќе работат -
Во 2016 година, Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA) го објави извештајот „Силата на 10-ката: Зачудувачка реалност во врска со девојчињата на 10-годишна возраст“, во кој се наведува дека во светот има 60 милиони девојчиња на возраст од 10 години.
Повеќе од половина од овие девојчиња, според Индексот на родова нееднаквост, од аспект на половата припадност, живеат во земји во коишто нема полова еднаквост.
Според извештајот, 10 отсто од девојчињата на возраст од 5 до 14 години, се занимаваат со домашни работи повеќе од 28 часа неделно. Во земјоделските подрачја, на 75 отсто од девојчињата не им се плаќа надомест за извршената работа.
Во извештајот се наведува дека секој ден, 47.700 девојчиња се мажат или се соочуваат со ризикот да бидат омажени пред да наполнат 18 години.
Во извештајот се истакнува дека во светот, на секои 10 минути умира по едно малолетно девојче поради насилство.
- Најголема причина за смртност кај девојчињата е СИДАта -
Според УНФПА, најголемата причина за смртност кај девојчињата на возраст од 10 до 19 години е сидата.
Самоубиството е втора причина за смртност кај девојчињата. Голем број девојчиња поради насилството што го трпат, се решаваат за самоубиство.
Според Светската здравствена организација (СЗО) како главни причини за смртноста на малолетните девојчињата се наведуваат пневмонија – еден вид инфекција на респираторните патишта, крварење и сепса – како компликации за време на бременоста и абортуси извршени во несоодветни услови.