Faisal Mahmud
10 Август 2026•Ажурирано: 10 Август 2026
Повеќе од 1,5 милион лица се евакуирани во Источна Кина откако тајфунот „Долфин“ го погоди регионот со поројни врнежи и силни ветрови, нарушувајќи ги воздушниот, железничкиот и поморскиот сообраќај, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Околу 900.000 жители биле евакуирани во Венџоу, а околу 390.000 лица претходно биле евакуирани во Тајџоу, во источната провинција Џеџијанг.
Повеќе од 215.000 лица биле преместени од ризичните подрачја во Шангај, објави „Чајна дејли“ денес.
Само во Шангај денес биле откажани повеќе од 1.000 летови бидејќи невремето го нарушило функционирањето на меѓународните аеродроми „Пудонг“ и „Хунгчао“.
„Долфин“, 13. тајфун и најсилен што ја погоди Кина оваа година, првично имаше максимална брзина на ветровите од околу 150 километри на час кога стигна до копното во Јухуан, Жеџијанг.
По околу еден час тајфунот вторпат стигнал до копното, во Венџоу, пред да ослабне и да премине во тропска бура.
Обилните врнежи продолжија низ Источна Кина денес, при што властите предупредија на опасност од поплави и одрони додека системот се движи кон север.
Во делови од Џеџијанг во наредните денови се очекуваат меѓу 250 и 500 милиметри дожд.
Во Шангај беа прекинати четири линии на метрото, ограничени услугите на неколку други линии, а беа затворени мостот Донгхај и десетици подземни премини погодени од поплавите.
Во Тајџоу, 3.815 рибарски пловни објекти се засолнети, а сите 18 патнички траектни линии се прекинати.
Властите досега немаат пријавено жртви, но во Џеџијанг е пријавено исчезнување на деветгодишно момче откако било однесено во морето.