Ethem Emre Özcan
02 Јули 2020•Ажурирај: 04 Јули 2020
АНКАРА
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) објави дека во првите шест месеци од оваа година во Сирија се убиени над 1.000 цивили, од кои повеќето од половината се жртви на нападите на режимот на Асад и Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организацијата СНХР, која го документира кршењето на правилата за заштита на цивилите, објави извештај за цивилните жртви во земјата, според кој во првата половина од оваа година убиени се 1.006 цивили од страна на завојуваните страни, од кои 218 се деца, а 113 се жени.
Според извештајот на СНХР, режимските сили составени од војската на режимот на Асад и странските терористички групи поддржани од Иран убија 298 цивили, од кои 64 деца и 24 жени.
Во нападите на руските сили животот го загубија 205 цивили, од кои 62 деца и 48 жени, додека 34 цивили, од кои 8 деца и една жена се жртви на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Во нападите изведени од страна на терористичката организација ДЕАШ убиени се 7 цивили, од кои едно дете, а воената опозиција и вооружените групи против режимот се причина за смртта на 26 цивили, од кои 2 деца и 2 жени.
Останатите страни во истиот период се причина за смртта на 436 цивили, од кои 81 дете и 38 жени.
Се дознава дека во првата половина од оваа година животот го загубија 3 новинари и 12 здравствени работници и припадници на Цивилната одбрана на Сирија.
Сириската мрежа за човекови права во извештајот наведува дека во јануари се убиени 286 цивили, во февруари 276, во март 145, во април 78, во мај 125 и во јуни, 96.
Покрај тоа, во овој период од повреди нанесени од измачување животот го загубија 71 лице, од кои 63 лица биле измачувани од страна на режимот.