Ata Ufuk Şeker
18 Февруари 2024•Ажурирај: 21 Февруари 2024
БРИСЕЛ (АА) - Нападите на Израел врз Газа се очекува да ја чинат израелската економија милијарди долари, покажуваат студиите за финансискиот аспект на конфликтот, пренесува Анадолу.
Постојаните напади и бомбардирањето на Палестинците стануваат сè поскапи од ден на ден, па затоа ескалира растот на негативниот ефект на конфликтот врз израелската економија, предизвикувајќи зголемена неизвесност и слабеење на финансиите на земјата.
Според студиите, Израел троши близу 300 милиони долари во директни трошоци дневно поради нападите од 7 октомври.
Се проценува дека нападите чинеле 60 милијарди долари за буџетот за одбрана во изминатите четири месеци, имајќи ги предвид различните економски ефекти и загубата на приходи.
Нападите на Израел веќе резултираа со пад на даночните приходи, зголемен долг, економска рецесија и остар пад на бруто домашниот производ.
Загубите предизвикани од нападите ќе имаат директни ефекти, како што се масовно деинвестирање, нарушување на пазарот на труд и забавување на растот на продуктивноста.
Нападите предизвикаа целосно запирање на туризмот во Израел, проблеми во глобалното поморство, пад на земјоделското производство и остар пад на инвестициите во висока технологија.
Се очекува туристичкиот сектор да страда долгорочно, бидејќи земјата нема да може да одржува поволна средина за посети, што ќе резултира со високи загуби на приходи, невработеност и расипана слика за Израел како туристичка дестинација, што пак ќе ја ослабне шанса за економско закрепнување.
Израел може да изгуби приближно 400 милијарди долари од економската активност во следните 10 години поради конфликтот, дополнително, 90 отсто од штетата за Израел ќе дојде од индиректни ефекти, како што се намалени инвестиции, влошување на пазарот на труд, губење на продуктивноста и економски пад, според студијата насловена „Трошоците за израелско-палестинскиот конфликт“ подготвена од американската тинк-тенк корпорација РАНД.