Esra Taşkın,Alaattin Doğru
25 Декември 2022•Ажурирај: 26 Декември 2022
ПАРИЗ (АА) - Французинот, кој завчера застрела три лица во Париз, во текот на сослушувањето во притвор изјавил дека има „патолошка омраза кон странците“ и дека нападот го извршил за да „убие странци“, соопшти париското Обвинителство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Убиецот (69) во притвор признал дека „имал патолошка омраза кон странците“, објавија и француските медиуми повикувајќи се на Обвинителството.
Напаѓачот, кому вчера му беше укинат притворот и кој поради здравствената состојба беше упатен на психијатриска клиника, се опиша себеси како „депресивен и суицидален“ и наведе дека „сака да убива мигранти и странци“ по кражбата што ја доживеал во својот дом во 2016 година.
Напаѓачот исто така рекол дека на денот на нападот отишол во Сен Дени, предградие на Париз, каде што главно живеат мигранти, за да убива странци, но дека се откажал од нападот што го планирал бидејќи таму имало малку луѓе и неговата облека не дозволувала повторно полнење на пиштолот.
Потоа, тој пеш отишол до 10-тиот округ на Париз знаејќи дека таму се наоѓа културен центар. Тој повтори дека е „лут на сите мигранти“.
Истакнувајќи дека единствено жали што не можел да изврши самоубиство, францускиот напаѓач рече дека ако еден ден се самоубие, има намера да ги убие своите „непријатели“, мислејќи на „сите неевропски странци“.
Вооружениот 69-годишен напаѓач Вилијам М. отвори оган во петокот во Париз, убивајќи најмалку три лица, и ранувајќи уште три, објавија француските медиуми истиот ден.
Властите соопштија дека осомничениот во минатото извршил два напади, од кои еден врз луѓето кои престојувале во шатори во Париз, и дека неодамна бил пуштен на слобода. Подигната е истрага за убиство, обид за убиство и намерни дела на вооружено насилство.