Diyar Güldoğan
25 Јуни 2024•Ажурирај: 26 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 11 Палестинци се убиени во израелските воздушни напади врз училиштата на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) во Појасот Газа, објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА, пренесува Анадолу.
Според извештајот, израелската армија го бомбардирала бегалскиот камп Ал Шати и две училишта на УНРВА што се користеле како засолништа во областа Ал Дараџ за време на нападите врз Газа во текот на ноќта.
Се наведува дека армијата, исто така, продолжила со нападите врз Рафа во јужниот дел на Газа, додавајќи дека еден млад човек е убиен, а многу луѓе се повредени во западниот дел на градот.
ВАФА соопшти дека Израел го бомбардирал и градот Хан Јунис на југ и дека повеќето од загинатите во ноќните напади се жени и деца.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници, започната по нападот на палестинската група на отпорот Хамас на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш во Појасот Газа се убиени повеќе од 37.600 Палестинци, повеќето жени и деца, а околу 86.100 се ранети.
Повеќе од осум месеци по почетокот на израелските напади големи делови од Појасот Газа се во урнатини.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна одлука им нареди на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.