Gökhan Kavak
19 Јули 2017•Ажурирај: 20 Јули 2017
АБУЏА (АА) - Добитничката на Нобеловата награда за мир, Пакистанката Малала Јусафзаи, изјави дека милиони девојчиња во Нигерија не одат на училиште, без оглед на тоа што станува збор за најбогатата африканска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Малала вчера ги посети девојчињата во бегалските кампови во нигериската сојузна држава Борно, кои беа раселени поради нападите на терористичката организација Боко Харам.
„Нигерија е најбогатата земја во Африка, но девојчиња што не одат на училиште има повеќе од која било друга земја во светот“, рече Јусафзаи.
Таа го посети државното училиште за девочиња „Јерва“ во бегалскиот камп, и истакна дека истражувањата јасно покажуваат оти со образованието на девојчињата се зајакнува економијата, се намалуваат конфликтите и се подобрува јавното здравство.
Нигерискиот весник „Daily Trust“ (Дејли траст) известува дека во нападите на терористичката организација Боко Харам во 2009 година загинаа повеќе од 2.295 наставници, а беа уништени и околу 1.400 училишта.
На три милиони деца во североисточниот дел на земјата им е потребна поддршка за да го продолжат своето образование.