Ekipa
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ХАСЕКЕ/АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) на територијата окупирана од терористичката организација ЈПГ/ПКК со 100 камиони испорачаа затворени контејнери, тенкови и возила со погон на 4 тркала, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од локалните извори, вчера, во доцните вечерни часови, околу 100 камиони, од граничниот премин „Симелка“ влегле во Сирија.
Забележано е дека шлеперите транспортирале затворени контејнери, возила со погон на 4 тркала од типот „Хамер“, како и тенкови.
Изворите наведуваат дека не се сигурни дали во транспортираните контејнери имало оружје, но сметаат дека е можно во нив да имало муниција.
САД на двапати, во почетокот и на крајот од февруари, со приближно 300 камиони преку ирачката граница имаа извршено испорака на територијата окупирана од ЈПГ/ПКК.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во пораките објавени на 19 и 20 декември 2018 година истакна дека е завршена борбата против ДЕАШ, единствената причина поради која се наоѓаат во Сирија. Американската администрација имаше ветено дека по завршувањето на борбата против ДЕАШ, ќе го собере оружјето кое САД им го дале на припадниците на ЈПГ/ПКК, за подоцна да ја смени изјавата во „бавно и безбедно повлекување“. Додека САД избегнуваат да дадат конкретни детали и датум околу повлекувањето, на 11 февруари, командантот на американските Централни сили (CENTCOM), генерал Џозеф Вотел, изјави дека повлекувањето на силите ќе започне за неколку недели, давајќи сигнали дека првите чекори на повлекувањето ќе бидат направени најдоцна до средината на март, но во периодот што го спомена генерал Вотел, САД не ја намалија својата воена моќ во Сирија.
Интересен е фактот дека и покрај тоа што е завршено егзистирањето на ДЕАШ во Сирија, во буџетот за одбрана на САД за 2020 година издвоени се средства за големо количество муниција која ќе се користи за изработка на бомби наменети за ЈПГ/ПКК. Опремата експлозив Ц4, детонаторски кабли и уреди кои се користат за далечинско активирање на рачно изработени експлозивни направи, што САД ќе им ја дадат на терористичката организација, може да претставува закана и можност да бидат користени во терористички напади на подрачјата кои операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ ги ослободија од терористите.
Од 2015 година досега, САД, под изговор на борба против ДЕАШ, на ЈПГ/ПКК им даваат воена поддршка и сѐ уште на 18 бази и воени точки има околу 2.000 лица воен персонал.
ЈПГ/ПКК под своја окупација држи 1/3 од територијата на Сирија.