Betül Yürük
01 Ноември 2018•Ажурирај: 02 Ноември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Илјадници лица облечени во различни костими, по повод одбележувањето на Ноќта на вештерките (Halloween), прошетаа синоќа по улиците на Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
Прошетката на маскираните лица беше обезбедена од илјадници припадници на безбедносните сили, поради нападот кој се случи минатата недела во синагогата „Дрво на животот“ (Tree of Life) во сојузната американска држава Пенсилванија, кога загинаа 11 лица.
Високите безбедносни мерки вклучуваа и полициски кучиња и хеликоптери. Одбележувањето на Ноќта на вештерките започна во Гринвич, а илјадници лица беа облечени во различни костими.
Меѓу нив можеа да се видат и многу интересни маски и костими од најпознатите хорор-филмови, додека некои се одлучија за костими на зомбија, вампири и вештерки. Прошетката ја следеа илјадници граѓани.
Ноќта на вештерките (Halloween) се слави секоја година на 31 октомври во Ирска, САД, Канада, Пуерто Рико, Австралија и Нов Зеланд, а се совпаѓа со католичкиот празник Ден на сите светци.