Gamze Türkoğlu Oğuz
16 Август 2019•Ажурирај: 18 Август 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) – Во Либија, од април до денес најмалку 38 пати се нападнати здравствените работници, здравствените центри и амбулантните возила, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Мисијата на Обединетите нации (ООН) во Либија се истакнува дека во „тажните напади“ цел биле 19 болници и 19 цивилни и воени амбулантни возила. При нападите 11 лица ги загубиле своите животи, а 33 лица се повредени.
Специјалниот претставник на ОН за Либија, Гасан Саламе, осудувајќи ги „бруталните напади“ врз здравствените работници и нивните центри, нагласи: „Намерното напаѓање на здравствените работници, здравствените установи и амбулантните возила претставува воено злосторство. Тие може да претставуваат злосторство против човештвото кога се изведуваат систематски врз која било цивилна заедница“.
„Не можеме само да гледаме како секој ден се напаѓаат докторите и здравствените работници во моментот кога тие ги ризикуваат своите животи за да ги спасат животите на другите. Ќе направиме сè за да обезбедиме одговорните да бидат гонети“, рече Саламе.
Генералот Калифа Хафтар на 4 април издаде наредба за напад, со цел да ја преземе контролата врз Триполи, по што силите на Владата на национално единство ја започнаа операцијата наречена „Буркан ал Гадаб“.
Во Либија, каде што кризата со легитимноста продолжува од 2011 година, се случуваат судири меѓу меѓународно признатите сили на Владата на национално единство на Либија (UMH) и силите на Хафтар.