Bayram Altuğ
21 Октомври 2020•Ажурирај: 22 Октомври 2020
ЖЕНЕВА
Специјалната претставничка на Обединетите нации (ОН) за Либија, Стефани Вилијамс, истакна дека страните во Либија се договориле за отворање на копнените и воздушните патишта, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вилијамс во Канцеларијата на ОН во Женева одржа прес-конференција во врска со воените преговори во форматот 5 + 5 што започнаа во понеделникот.
Вилијамс, наведувајќи дека во првите два дена од состаноците, страните ја изразиле својата посветеност на „патриотизмот, професионализмот и инсистирањето на заштита на единството на Либија и одбрана на суверенитетот на земјата“, рече: „Задоволна сум што известувам дека двете страни постигнаа договор за неколку важни прашања што директно влијаат на животот и благосостојбата на либискиот народ.“
Специјалната претставничка упати пофалби за либиската Влада и делегацијата на водачот на нелегитимните сили на истокот на земјата, пучистот Калифа Хафтар, нагласувајќи:
„5 + 5 се согласија да се отворат патиштата што ги поврзуваат сите региони и градови на Либија. 5 + 5 се согласија да ги отворат авиолиниите низ цела Либија, особено во Себха, административната престолнина на регионот. 5 + 5 се согласија да се стави крај на реториката во медиумите која ескалираше, за да се запре употребата на говорот на омраза.“
Вилијамс исто така нагласи дека е голем оптимист во однос на тоа дека страните ќе се согласат за трајно примирје.
Третата рунда заеднички состаноци на Воениот комитет во формат 5 + 5, чија цел е воспоставување на примирје во Либија, се одржаа во јуни со видеоконференција.
Четвртата рунда разговори ќе продолжат до сабота, 24 октомври.