Ekipa
10 Октомври 2019•Ажурирај: 11 Октомври 2019
ТЕЛ АБЈАД (АА) - Ел Јабсе и Тел Фандер се првите ослободени села од окупациијата на терористите во рамките на операцијата која Турските вооружени сили (ТСК) ја покренаа вчера во североисточниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Борците на Сириската национална војска (СНВ) презедоа контрола во две села на западното подрачје Тел Абјад.
Тоа се првите места ослободени од терористичката окупација од почетокот на операцијата која турските сили ја спроведуваат во соработка со вооружените сили на сириската опозиција.
Турските сили вчера ја започнаа воената операција „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, односно во пограничниот појас од источниот брег на Еуфрат, кој е окупиран од терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека целта на операцијата е со елиминација на терористичките елементи да се обезбеди турската граница и да се спречи воспоставувањето терористички коридор. Целта е и воспоставување безбедносна зона за враќање на сириските бегалци и зачувување на територијалната целост на Сирија.
Турција предупредува дека терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок ЈПГ/ПЈД претставуваат најголема закана за иднината на Сирија, бидејќи го загрозуваат нејзиниот територијален интегритет и целост.
Официјална Анкара, исто така, предупреди дека е неприфатливо терористите на ПКК да се поддржуваат и да се сметаат за партнери во борбата против терористичката организација ДЕАШ.
Со воспоставување безбедносна зона во подрачјето на 30 километри широкиот пограничен појас на Сирија, Турција има намера да обезбеди враќање на 2 милиони сириски бегалци. Тоа подрачје го вклучува и регионот на Мунбич и се простира од реката Еуфрат до ирачката граница. Препреката на тој план на Турција е фактот што подрачјето е под окупација на терористите на ПКК, ПЈД и ЈПГ.
Турските сили спроведоа две успешни операции во последните три години во северозападна Сирија и ги неутрализираа терористите на површина од 4.000 километри квадратни. Станува збор за операциите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, за чие времетраење сириските градови западно од Еуфрат се ослободени од терористичките организации ДЕАШ и ЈПГ/ПКК.
Турција, сите прекугранични операции ги спроведува врз основа на меѓународното право, правото на самоодбрана и ги реализира во согласност со начелата на Повелбата на ОН и резолуциите на Советот на безбедност кои се однесуваат на борбата против тероризмот.