Dilara Karataş,Aynur Şeyma Asan
19 Јануари 2025•Ажурирај: 20 Јануари 2025
АНКАРА (АА) - Јун Сук Јеол, кој беше сменет од функцијата претседател и приведен во рамките на истрагата за прогласувањето воена состојба во Јужна Кореја, и официјално е уапсен, пренесува Анадолу.
Според Јонхап, Јун, кој беше приведен на 15 јануари, под обвинение за „водење на бунт“ и „злоупотреба на овластувањата“ е уапсен од страна на Западниот окружен суд во Сеул.
Управата за истраги за корупција соопшти дека обвинителството ќе го подготви обвинителниот акт пред истекот на 20 дена.
Канцеларијата на претседателот на Јужна Кореја го критикуваше судскиот налог за апсење.
Западниот окружен суд во Сеул вчера издаде налог за апсење на Јун Сук Јеол, кој беше отстранет од функцијата претседател и приведен како дел од истрагата поради воведувањето воена состојба.
- Поддржувачите на Јун упаднаа во судницата
По апсењето на Јун, демонстрантите упаднаа во зградата на Западниот окружен суд во Сеул за да протестираат против оваа одлука.
Дошло до судир меѓу полицијата и демонстрантите, кои наводно „насилно влегле во зградата, искршиле прозорци и противпожарни апарати користеле против безбедносните сили стационирани околу зградата“. Полицијата приведе 45 демонстранти.
Од друга страна, вчера додека се разговарало за налогот за апсење на Јун, околу 44.000 луѓе одржаа демонстрации за поддршка на поранешниот претседател пред зградата на судот.
Се наведува дека 45-те демонстранти приведени од полицијата вчера учествувале на демонстрациите.
Врховното обвинителство соопшти дека е формиран тим од 9 лица за истрага на овие протести.
Јун повика на „мирен протест“ во писмото што го напиша во притворот каде што е задржан.
- Приведувањето на Јун
Јун, кој беше сменет од функцијата откако Националното собрание на Јужна Кореја побара негово смена со образложение дека прогласувањето на воена состојба е неуставно, беше приведен на 15 јануари како дел од истрагата за воведувањето воена состојба од негова страна.
Инспекторите го приведоа Јун во претседателската резиденција и го одведоа во канцеларијата на Бирото за истраги за корупција во Гвачеон, јужно од главниот град Сеул.
Јун, кој првиот ден бил испрашуван повеќе од 10 часа, одбил да даде изјава. Јун, првиот шеф на држава кој бил приведен во историјата на Јужна Кореја, по сослушувањето бил префрлен во центарот за притвор.
Јун е под истрага за наводен „бунт“ и „злоупотреба на функцијата“ поради прогласувањето воена состојба на 3 декември 2024 година.