Ekipa
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
МУЛТАН (АА) - Пакистанската полиција уапси неодамна омажена жена по обвинението дека во обид да го отруе својот сопруг со млеко, убила 17 членови на поширокото семејство, јавува Anadolu Agency (AA).
Началникот на локалната полиција, Сохаил Хабиб Таџак, изјави дека судијата ѝ дозволил на полицијата две недели да ја испитува жената за да се утврди дали одлуката да го отруе сопругот била нејзина или нејзиниот љубовник ја натерал на тоа.
Таџак наведе дека жената во септември оваа година била омажена против своја волја во село во близина на градот Али Пура, 100 километри јужно од Мултан, во источната покраина Пунџаб.
Началникот изјави дека жената не била среќна поради мажачката и сакала да се врати во домот на родителите.
Таа, наводно, го добила отровот од својот љубовник минатата недела и го помешала со млеко за да го отруе сопругот, кој не сакал да го испие. Меѓутоа, нејзината свекрва подоцна го употребила млекото за да направи традиционален пијалак од јогурт и го послужила на група од 27 членови од поширокото семејство, кои изгубиле свест, а подоцна биле хоспитализирани.
Седумнаесет од нив починале како последица на труењето, а 10 се лекуваат, изјави полициско официјално лице.
Обвинетата денес се појави пред судот во Музафаргарх, а на новинарите им кажала дека била незадоволна со одлуката на своите родители да ја омажат против нејзина волја.
Голем број родители во Пакистан ги договараат браковите за своите ќерки, но инцидентите како овој се ретки.