Esat Fırat
06 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
РАМАЛА (АА) - Министерството за надворешни работи на Палестина, по одлуката на Парагвај својата Амбасада од Ерусалим (Кудс) да ја пренесе во Тел Авив, реши да отвори амбасада во Парагвај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според информациите што ги објави палестинската официјална новинска агенција WAFA, министерот за надворешни работи на Палестина, Ријад ал Малики, објавил писмено соопштение во кое наведува дека со указ на претседателот Махмуд Абаз, во парагвајскиот главен град Асунсион ќе биде отворена амбасада на Палестина.
Министерот за надворешни работи на Палестина, Малики, истакна дека палестинската држава го цени потегот на Парагвај, која одлучи својата Амбасада да ја пренесе од Ерусалим во Тел Авив, и додаде дека веднаш ќе биде отворена амбасада на Палестина во Парагвај.
Во својата изјава, Малики упати повик до поголем број земји, поради принципиелниот потег на Парагвај, да отворат амбасади во оваа земја. Тој изјави дека во соработка со министерот за надворешни работи на Парагвај, Луис Алберто Кастиљони, ќе ја разгледа ситуацијата за отворање на палестинска амбасада.
Министерот за надворешни работи на Парагвај, Луис Алберто Кастиљони, денеска изјави дека парагвајската Амбасада во Израел што во мај беше пренесена во Ерусалим (Кудс), повторно ќе биде вратена во израелскиот главен град Тел Авив. „Парагвај, со интензивирање на своите регионални дипломатски напори, сака да даде свој придонес во обезбедувањето владеење на објективен и траен мир на Блискиот Исток“, рече министерот Кастиљони.
По оваа изјава, Канцеларијата на израелската Влада даде соопштение во кое се вели дека Израел ќе ја затвори својата Амбасада во Парагвај, а на консултации во Израел е повикан израелскиот амбасадор.
Во изјавата што ја даде Канцеларијата на израелската Влада се вели дека по објавата дека Парагвај планира својата Амбасада повторно да ја врати во Тел Авив, Израел одлучил да ја затвори Амбасадата во таа земја, и дека амбасадорот е повикан на консултации во Израел.
На 21 мај, Парагвај, по САД и Гвателама, ја пренесе својата Амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
На церемонијата на отворањето на Амбасадата присуствуваа поранешниот парагвајски претседател Орасио Картес и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.