Ekipa
11 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Трагите од војната што трае повеќе од два месеци меѓу Русија и Украина се изложени во Музејот на Втората светска војна во главниот град Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во музејот отворена е изложбата „Украина - Распнување“, која секојдневно ја посетуваат голем број луѓе.
Првиот дел од изложбата, која се состои од вкупно четири дела, ги содржи доказите за нападите на Руската армија врз Украина. Изложени се различни документи, идентитети, униформи и материјали кои припаѓаат на Руските воени сили кои загинале во конфликтот.
Вториот дел од изложбата го опфаќа руското оружје употребено во нападите.
Третиот дел е резервиран за предметите во засолништето во градот Хостомел, кој се наоѓа во Киевската Област, каде што цивилите престојуваа еден месец.

Последниот, четврти дел од изложбата, ги опфаќа трагите од нападите извршени од Руската армија врз различни градови.
Покрај тоа, на влезот на музејот изложени се делови од тактичката ракета „Точка-У“, воениот авион од типот „Су-34“, хеликоптер од типот „Ми-24“ и противвоздушен ракетен систем „Бук-М2“, за кои се наведува дека припаѓаат на Русија.
- „Ги покажуваме трагите што Русија ги остави на нашите земји“ -
Јана Очеретина, одговорна за односи со медиумите на музејот, во изјавата за AA рече дека изложбата е отворена на 8 мај.
Таа истакна дека за изложбата донеле материјали од регионите каде што се одвивала војната.

„На јавноста ѝ ги прикажуваме трагите на Руската армија во нашата земја. Тука се руското оружје и проектилите со што ги бомбардираа нашите домови. Речиси сите примероци од оружјето на Руската армија се тука“, рече таа.
Нагласувајќи дека на изложбата има и копија од засолниште, Очеретина рече: „Ова е копија на засолниште во Хостомел, кое беше окупирано околу еден месец. Во подрумот на една зграда во Хостомел, цивилите 30 дена се обидуваа да се заштитат од нападите. Предметите од засолништето се донесени во музејот за да се прикаже со што се соочувале цивилите. Работевме напорно. Всушност, не е можно да се прикаже сето она што се случуваше.“
Според неа, изложбата е посетена од голем број луѓе.
„Кај посетителите се појавуваат различни чувства. Оние кои доаѓаат овде, ја чувствуваат војната. И странските државјани кои се наоѓаат во Украина, доаѓаат овде. Тие уште повеќе се погодени. Сите ја гледаат цената што Украина ја плаќа за да биде слободна и независна“, додаде таа.