Anadolu staff
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Повеќе од 30 Палестинци загинаа утринава во израелските артилериски, воздушни и поморски напади низ Појасот Газа, според локални извори, пренесува Анадолу.
Извори за палестинската новинска агенција ВАФА изјавиле дека Палестинците загинале кога биле погодени неколку куќи во северниот дел на Појасот Газа.
Најмалку две лица загинаа во бомбашки напад на пекарница во кампот „Нусејрат“ во централниот дел на Појасот Газа. Изворите рекоа дека пекарницата обезбедува леб за жителите на кампот и раселените луѓе од северните области на Појасот Газа.
Три лица загинаа, меѓу кои едно дете, во бомбашки напад врз станбена зграда во Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
Интензивните артилериски, воздушни и поморски напади беа насочени кон северниот дел на Појасот Газа, особено кон областа Џабалија, како и кампот „Нусејрат“, населбата Јармук во центарот на градот Газа и областа во населбата Ал-Зајтон во близина на баптистичката болница „Ел-Ехли“, што Израел синоќа ја бомбардираше, предизвикувајќи стотици мртви и ранети.
Цел на бомбардирањето беа и цивилни домови во јужниот дел на Појасот Газа, областите Рафа и Хан Јунис, што предизвика дополнителни жртви.