Ekipa
18 Јули 2022•Ажурирај: 20 Јули 2022
ПАРИЗ (АА) - Пожарите во југозападниот француски департман Жиронд се незапирливи веќе шест дена со пламени јазици со височина и до 100 метри што зафати над 14.000 хектари шумско земјиште, соопштија властите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Чарлс Лафуркад, одговорен за гаснењето на пожарот во Ландирас, изјави дека ситуацијата е многу неповолна поради силните ветрови и топлотните бранови.
Жиронд од страна на Метеоролошката служба е ставен во црвена тревога поради топлотниот бран, а максималната температура се очекува да достигне и до 44 степени Целзиусови во некои делови.
Според локалните противпожарни и спасувачки служби, пожарникарите се обидувале да ги локализираат пламените јазици високи и до 100 метри, а ситуацијата најверојатно ќе трае уште неколку дена.
За да се спречат повреди на локалните жители, ќе бидат извршени дополнителни 3.500 евакуации од општините Будос, Балзак и Ландирас, соопштија властите. Од минатиот вторник веќе се евакуирани речиси 20.000 луѓе.
Двата пожари предизвикаа огромна девастација на животната средина, уништувајќи над 14.000 хектари борова шума: 9.800 хектари во Ландирас и 4.200 во Ла Тест-де-Буч. Во неделата пламените јазици во Тест-де-Буч стигнаа до шумите блиску до брегот на Бискаросе Плаж.
Вкупно 1.700 пожарникари се ангажирани на самото место, поддржани од девет авиони за гаснење пожари, се вели во соопштението на департманот Жиронд.