Ekip
27 Август 2022•Ажурирај: 28 Август 2022
КАРАЧИ (АА) - Со 45 смртни случаи во последните 24 часа, вкупниот број на починати во несреќите поврзани со поплавите во Пакистан предизвикани од поројните дождови, што се активни од втората половина на јуни, се зголеми на 1.000 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Во последните 24 часа животот го загубија 45 лица, а десетици се водат за исчезнати во монсунските дождови што предизвикаа поплави низ Пакистан.
Државната пакистанска телевизија објави дека земајќи предвид дека половина од земјата се наоѓа под вода, Владата на Пакистан најавила распоредување на војската во четири покраини и во северниот регион Гилгит-Балтистан како поддршка на цивилната управа која се бори со невидена катастрофа.

Поради последните поплави раселени се илјадници луѓе во северозападната покраина Хајбер-Пахтунва, југозападната Белуџистан и јужната Синд.
„Поголемиот број смртни случаи се регистрирани во Хајбер-Пахтунва, потоа во Синд и во Белуџистан, со што вкупниот број на починати е зголемен на 982, почнувајќи од 14 јуни“, објави Националната служба за управување со катастрофи (NDMA).

На конференцијата во Исламабад, министерката за информации Мариум Аурангзеб изјави дека во катастрофалните поплави животот го загубиле повеќе од 1.000 лица.
Монсунскиот период во комбинација со големите поплави остави 30 милиони Пакистанци без засолниште, а десетици илјади луѓе се раселени. Милиони жители во поплавените подрачја се без струја и природен гас.

„Надојдените води на реката Кабул ги поплавија подрачјата Наушера, Чарсада и Мадан во покраината Хајбер-Пахтунва, каде владата ги претвори училиштата и владините објекти во кампови за засолнување на илјадниците раселени лица“, објави локалната телевизија Гео њуз.
Поплавите урнаа стотици куќи, ресторани, мостови, па дури и неколку повеќекатни хотели што се наоѓале на брегот на реката Сват во живописната долина, која е една од омилените туристички атракции.

Поради големите поплави што ги предизвика реката Инд, наредена е евакуација на неколку низински подрачја во Дера Гази Хан и Раџанпур во североисточната покраина Панџаб.
Југозападниот граничен премин Чаман меѓу Пакистан и Авганистан е затворен поради силните дождови и поплави.