Servet Günerigök
15 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот народ го одби обидот за воен удар на 15 јули 2016 година не само со зборови, туку и со своето делување, а во многу случаи и со својот живот, рече Марк Кимит, поранешен помошник-државен секретар за политичко-воени работи на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју пред годишнината од неуспешниот обид за пуч од 2016 година, организиран од терористичката организација ФЕТО, Кимит рече дека во тој момент бил во Багдад и тоа било вознемирувачко за него како воено лице.
„И покрај тоа што има некои елементи во Уставот според кои војската треба да ја поддржи државата, се чини дека војската излезе од нејзината уставна одговорност со извршувањето пуч“, рече тој.
Наведувајќи дека војската би требало да одговара на Владата и на народот, пензионираниот бригаден генерал рече дека во тоа време „не се чинеше дека пучистите работеа ниту во интерес на Владата ниту во интерес на народот на Турција“.
Кимит изјави дека населението во Турција се спротивставило на државниот удар затоа што било позагрижено за државата, за која рече дека во спротивно би потпаднала под воена диктатура.
„Но, во секој случај, без оглед на мотивацијата на војската, тоа треба да се смета за гордост кај турскиот народ“, рече Кимит за отфрлањето на пучот од страна на народот.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), го организираа неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а беа повредени 2.734 лица.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за уривање на државниот поредок преку инфилтрирање на своите приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Ѓулен живее во егзил во САД од 1999 година во близина на Сајлорсбург, Пенсилванија.
По неуспешниот обид за воен удар, Турција побара екстрадиција на Ѓулен од САД и се пожали дека Вашингтон не реагира на барањата доволно брзо.
Осврнувајќи се на екстрадицијата на Ѓулен, Кимит рече дека не верува дека САД намерно го засолнуваат Ѓулен и се надева дека правните прашања ќе бидат решени поскоро.
„Но, ова не е одлука што претседателот може да ја донесе, ниту пак Конгресот може да ја донесе во однос на екстрадицијата. Тоа е правно прашање“, рече тој.
„И покрај тоа што сите ние би сакале да видиме ситуацијата да се реши наскоро, мора да ги почитуваме нашите судови, да работат во соодветна насока, ослободени од политичко влијание во однос на придвижувањето напред на овој случај“, заклучи Кимит.