Elena Teslova
14 Април 2022•Ажурирај: 15 Април 2022
МОСКВА (АА) - Дмитриј Медведев, поранешниот руски претседател и актуелен заменик-шеф на рускиот Совет за безбедност, денеска предупреди дека за статусот на Балтикот без нуклеарно оружје нема да може да разговараат доколку Финска и Шведска се приклучат во НАТО-сојузот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во написот објавен денеска на неговиот профил на Телеграм, Медведев истакна дека кога уште две земји ќе се приклучат на Алијансата, Русија ќе има уште два „официјално регистрирани“ противници, а должината на копнените граници на Алијансата со Русија ќе се удвои.
Тој рече дека Русија мора да реагира без емоции и со ладна глава, да ја зајакне граничната линија со НАТО, да ги зајакне копнените сили и системот за воздушна одбрана и да распореди морнарица во Финскиот Залив.
„Во овој случај, веќе нема да може да се зборува за статус без нуклеарно оружје на Балтикот - рамнотежата мора да се врати. До денес Русија нема преземено такви мерки и немаше ни намера да ги преземе. Ако сме принудени, па, „забележете - не сме ние што го понудивме тоа“, како што рече херојот на познатиот стар филм“, истакна Медведев.
Медведев рече дека не е релевантно да се поврзе приемот на Шведска и Финска во НАТО со ситуацијата во Украина, бидејќи двете земји размислувале да се приклучат на НАТО пред да започне конфликтот во Украина.
„Ние немаме територијални спорови со овие земји како што имаме со Украина. Затоа, цената на таквото членство е различна за нас“, додаде тој, што значи дека приемот на Украина во НАТО може да доведе до директен конфликт меѓу Русија и НАТО доколку Украина се обиде да го врати Крим.
Медведев посочи и дека јавното мислење во Финска и Шведска за приемот во НАТО е поделено приближно на половина, и покрај пропагандата. „Нивниот прием во НАТО ќе го направи светот поопасен“, додаде тој.
„Ниту еден разумен човек не сака повисоки цени и даноци, зголемени тензии долж границите, хиперсонично оружје и бродови со нуклеарно оружје буквално во близина на својот дом“, рече тој, додавајќи: „Да се надеваме дека умот на нашите северни соседи, сепак ќе победи.“
Британскиот весник „Тајмс“ во понеделникот, повикувајќи се на извори, објави дека Шведска и Финска имаат намера да се приклучат на НАТО ова лето.