Alma Çekovic
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на американскиот претседател Доналд Трамп ги негираше денес медиумските натписи дека претседателот, за време на неодамнешниот состанок во Белата куќа со германската канцеларка Ангела Меркел, одбил да се ракува со неа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Шон Спајсер за германскиот дневник „Дер Шпигел” изјави дека Доналд Трамп не го слушнал прашањето на германската канцеларка кога таа му предложила уште еднаш да се ракуваат на молба на фотографот.
Германската канцеларка во петокот престојуваше во официјална посета на Вашингтон. Тоа беше нејзина прва средба со Трамп во Белата куќа која требаше да ги изгради односите помеѓу двајцата официјални претставници по жестоката изборна реторика во која тој ја критикуваше политиката на Меркал за отворени врати за бегалците, нарекувајќи ја „катастрофална грешка”.
Посетата во петокот започна срдечно кога двајцата официјални претставнци се ракуваа пред влезот на Белата куќа. Меѓутоа подоцна, кога седнаа еден до друг во Овалната соба на Белата куќа, Меркел му предложила на Трамп да се ракуваат повторно, на што тој не реагирал.
Германските медиуми оценуваат дека можно е американскиот претседател или навистина да не ја слушнал канцеларката или го игнорирал нејзиниот предлог за уште едно ракување.
Германскиот весник „Билд” денес напиша дека е невозможно Трамп да не го слушнал предлогот на германската канцеларка, бидејќи таа седела веднаш до него и потсетува дека за време на таа сцена американскиот претседател ниту еднаш не упатил поглед кон германската канцеларка.