Riyaz Khaliq Khaliq
03 Август 2022•Ажурирај: 04 Август 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, ја заврши посетата на Тајван, која предизвика загриженост во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пелоси пристигна на аеродромот во Тајпеј околу 17:15 часот по локално време поминувајќи околу 14 минути во збогување и фотографирање, а беше придружена од американските законодавци и официјални претставници.
Пелоси со авион на американските воздухопловни сили отпатува кон нејзината следна дестинација, Јужна Кореја.
Министерот за надворешни работи на Тајван, Џозеф Ву, ги испрати Пелоси со делегацијата.
Посетата привлече интерес низ целиот свет кој внимателно го следеше одговорот на Кина. Пекинг ја повика Пелоси да се откаже од посетата на Тајван, предупредувајќи на последици доколку тоа се случи.
Пелоси е на азиска турнеја во чии рамки синоќа допатува во Тајван од Малезија, прва посета на островот на актуелен претседател на Претставничкиот дом на САД во последните 25 години.
Во наредните денови таа ќе го посети Сеул, а потоа и Јапонија.
Претседателката на Претставничкиот дом на САД се сретна со тајванската претседателка, со законодавци и активисти.
Нејзиното патување наиде на остри реакции од Кина, која започна воени вежби и планира четиридневни вежби околу островот.
Пекинг го смета Тајван за своја отцепена територија и ги повика другите земји да избегнуваат директни односи со Тајпеј - кој ужива независни дипломатски односи со најмалку 14 држави.
САД не го признаваат Тајван како посебна земја, но имаат економски и одбранбени односи со островот самоуправа.
Републиканецот Њут Џингрич беше последниот претседател на Претставничкиот дом на САД кој го посети Тајван во 1997 година.