Ruslan Rehimov
07 Јануари 2021•Ажурирај: 08 Јануари 2021
БАКУ
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, реагирајќи на посетата на ерменскиот министер за надворешни работи, Ара Ајвазјан, на Нагорно Карабах, рече: „Овие посети треба да бидат запрени. Доколку се преземат вакви провокативни чекори, предупредуваме дека Ерменија многу ќе жали“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Алиев на состанокот со економските експерти се осврна на посетите на Нагорно Карабах без дозвола на Азербејџан.
Наведе дека претходно им е пренесено на руските елементи кои работат во регионот дека ниту еден странски државјанин не може да оди во Нагорно Карабах без дозвола на Азербејџан, при што рече:
„За жал, со дозвола на руските елементи, таму отидоа француските парламентарци. Како резултат на тоа, францускиот амбасадор во Баку беше повикан во Министерството за надворешни работи и му беше дадена протестна нота. Нема да молчиме.“
Претседателот Алиев, истакнувајќи дека министерот за надворешни работи на Ерменија, Ајвазјан, исто така го посетил Нагорно Карабах, нагласи:
„Што барате таму? Немојте да ја заборавите војната. Не заборавајте дека „железната тупаница“ е на своето место. Овие посети треба да бидат запрени. Доколку се преземат вакви провокативни чекори, предупредуваме дека Ерменија многу ќе жали.“
Наведувајќи дека се преземаат чекори за нормализирање на односите под медијација на Русија, Алиев рече:
„Ако сакаме да се нормализираат односите, која е потребата од овие провокации? Што сакате да покажете? Сакате да нѐ испровоцирате? Немојте да заборавите дека ваквите чекори скапо ќе ве чинат. Затоа овие посети треба да се спречат. Без наша дозвола, ниту една странска организација или граѓанин, освен Меѓународната организација на Црвениот крст, не може да влезе таму. Министре за надворешни работи на Ерменија, кој си ти што одиш таму? Предупредуваме, ако се повтори сличен чекор, нашиот одговор ќе биде многу силен. За првпат ги предупредивме преку нашето Министерство за надворешни работи. По тоа, предупредувањата ќе бидат поинакви.“
Алиев, подвлече дека руските елементи во регионот привремено работат со активности за хуманитарната помош.
„Во трилатералната Декларација потпишана на 10 ноември, не постои точка која предвидува тие да имаат такви активности. Но, ние го игнориравме тоа, затоа што знаеме дека таму живеат луѓе, дека е зима и дека времето е многу студено. Треба да се направат некои активности за Ерменците кои живеат таму да немаат проблеми во текот на зимата. Затоа го овозможивме тоа. Поголемиот дел од помошта сега таму оди преку Азербејџан. Ние го овозможивме и тоа. Помошта се носи во Берде преку железнички превоз, а оттаму до Нагорно Карабах по автопат. Секако дека можевме да не го дозволиме тоа.“