Ekipa
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ТУНИС (АА) - Претседателот на Тунис, Каис Саид, го распушти суспендираниот Парламент на земјата, неколку часа откако пратениците одржаа пленарна седница за да ги отповикаат неговите мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претходно вчера, 124 пратеници онлајн се состанаа и гласаа за отповикување на „вонредните мерки“ донесени од Саид на 25 јули 2021 година.
„Објавуваме распуштање на Парламентот за да се сочува државата и нејзините институции“, рече Саид на состанокот со Советот за национална безбедност.
Претседателот на Тунис вчерашната парламентарна седница ја нарече „неуспешен обид за пуч“.
Тунис се наоѓа во длабока политичка криза од 25 јули, кога Саид ја распушти Владата, го суспендира Парламентот и ја презеде извршната власт во потег кој противниците го квалификуваа како пуч.
Тунис се сметаше за единствена земја која успеа да спроведе демократска транзиција помеѓу арапските земји сведоци на народни револуции кои ги соборија владејачките режими, вклучително Египет, Либија и Јемен.