ХЈУСТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) сведочат за пад на населението во најголемите метрополитенски области, според најновите податоци на Бирото за попис на САД, јавува Агенција Анадолија (АА).
Податоците покажуваат дека бројот на населението во 62 од 100-те најголеми американски окрузи се намалил во периодот помеѓу јули 2020 и јули 2021 година.
„Ако погледнете низ целата земја, населението во големите градови се намали“, изјави планерот за урбанизам, Бил Фултон, директор на Институтот за урбани истражувања „Киндер“ на Универзитетот „Рајс“.
Во трите најголеми метрополитенски области - Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго - продолжува тенденцијата на пад на бројот на населението, тренд за кој Фултон рече дека се случува во последните шест години.
„Почнавме да забележуваме намалување на населението уште во 2016 година, но тоа навистина се забрза за време на Ковид-19“, рече тој.
Бројот на населението во Њујорк се намали за 2 отсто, како и во Вашингтон, додека населението во Бостон падна за 3 отсто.
Лос Анџелес и Чикаго забележаа пад на населението за повеќе од 1 отсто, заедно со Филаделфија, Милвоки, Мајами и Минеаполис.
Но, населението на Сан Франциско падна најмногу во текот на изминатата година, за 6 отсто.
„Егзодусот од големите градови започна да се случува за време на пандемијата на коронавирусот, кога луѓето почнаа да работат од далечина“, објасни Фултон.
„Луѓето почнаа да велат: „Ако морам да работам дома и не морам да бидам блиску до мојата работа, тогаш зошто воопшто да останам овде?“
Фултон верува дека егзодусот од големите градови за време на пандемијата првенствено се должи на вртоглавото зголемување на цените за домување.
„Цените на домовите навистина се зголемија за време на Ковид-19, а тоа го забрза трендот на луѓето да се преселат во предградијата“, рече тој.
Минатата година беше првпат во една деценија големите метрополитенски области како Филаделфија, Сиетл, Вашингтон, Бостон и Мајами да се намалат по население.
Во меѓувреме, брзорастечките урбани области како Хјустон, Далас и Атланта продолжија да се зголемуваат во бројки, но нивните нивоа на раст значително се забавија.
„Во Хјустон, населението на округот Харис се намали, но населението во окрузите Форт Бенд и Монтгомери (кои се дел од областа на метрополитенската област Хјустон) се зголеми спектакуларно“, нагласи Фултон. „Офсетот се случи и во Хјустон и во Далас.“
„Во метрополитенската област на Далас, населението во округот Колин се зголеми многу, но населението на градот Далас се намали“, додаде тој.
„Округот Колин е еден од најбрзорастечките окрузи во земјата и сега има население од речиси еден милион жители.“
Покрај зголемените цени на становите, Фултон рече дека намалениот број на населението може да биде пренагласено поради неточното пребројување, особено меѓу латино и малцинските заедници, кои обично се концентрирани во најголемите урбани области.
„Сè потешко е да се изброи популацијата со пописот, а жителите од друга раса е тешко да се избројат“, рече тој. „Некои се без документи и не сакаат да бидат пронајдени.“
Бирото за попис соопшти дека пребројувањето на секои 10 години пропуштило 5 отсто од латиноамериканското население и 3,3 отсто од Афроамериканците.
На последното пребројување на десет години, исто така, беше додадено прашањето за државјанството на пописот, за кое Фултон рече дека можеби ги обесхрабрувало недокументираните мигранти да учествуваат во пописот, што, според него, придонело за помалиот број.
„И дури и ако се легални, тие не сакаат да комуницираат со Владата“, рече тој.
„Тие не сакаат да отворат врата и не сакаат да пополнат анкета од Владата бидејќи нивното искуство со Владата на нивната претходна земја било угнетувачко.“
Вкупниот број население во САД исто така се намали. Бројките од пописот покажуваат дека околу 3,4 милиони Американци починале минатата година за време на пандемијата, што е најголем број на смртни случаи забележани досега. Покрај тоа, речиси 3,6 милиони деца се родени во истиот временски период, што е најмал број во последните 43 години.
Сепак, Фултон верува дека во текот на следните две години, населението на САД најверојатно ќе се зголеми во големите метрополитенски области како Хјустон поради приливот на бегалци и од Авганистан и од Украина.
„Значи, може да видиме израмнување на населението, во зависност од тоа колку авганистански и украински бегалци ќе примат САД“, рече тој.
„Хјустон отсекогаш бил многу добредојден за бегалците, и затоа, ако тоа добредојде се прошири и на авганистанските и украинските бегалци, тогаш тие ќе го поттикнат населението во округот Харис, каде што се наоѓа Хјустон.“
Фултон рече дека недоволното пребројување може да ги искриви бројките на пописот и нагласи дека имигрантите ќе продолжат да се конценртираат во поголемите метрополи од различни причини.
„Имигрантите имаат тенденција да одат таму каде што имаат семејни врски“, рече тој. „На пример, многу африкански имигранти и бегалци одат во Гулфтон, областа Хјустон, затоа што веќе имаат семејство таму.“
„Некои од овие постари населби во големите градови како Хјустон се поевтини“, истакна тој.
„И поголемите градови имаат работни места. Тие доаѓаат за работа.“
Иако Фултон рече дека падот на бројот на населението од последниот попис е изненадувачки, тој не верува дека тоа е долгорочен тренд.
„Населението се намалува, но тоа ќе се врати во одреден момент“, рече тој. „Големите градови низ земјата не умираат.“