Meiramgul Kussainova
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, посочувајќи на наводите дека руските трупи се повлекле од Киев и Чернихив, истакна дека е забележана и концентрација на руски единици за нови напади во Донбас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во својата видеопорака, Зеленски изјави дека народот на Украина води патриотска војна против Русија и дека ќе стори сѐ што е во негова моќ сѐ додека не се обезбеди правда на територијата на земјата и во регионот на Црното Море.
Зборувајќи на наводите дека руските трупи се повлекле од Киев и Чернихив, Зеленски рече: „Знаеме дека ова не е повлекување, туку резултат на активностите на нашите војници. Но во исто време, забележуваме концентрација на руски единици за нови напади во Донбас.“
Зеленски изјави дека во последните 24 часа имал напорен ден на дипломатски план, посочувајќи дека имал детална средба со американскиот претседател Џо Бајден.
Тој истакна дека на средбата им се заблагодарил на САД за новата хуманитарна помош од 1 милијарда долари и дополнителни 500 милиони долари директна буџетска поддршка.
„Му кажав на претседателот Бајден што ѝ треба на Украина. Во моментов се наоѓаме на пресвртница. Поддршката од САД, во принцип, е многу важна за нас“, рече тој.
Зеленски, потенцирајќи дека претставништвата на Украина во странство треба да ги зголемат своите дипломатски активности, рече: „Има такви кои се мобилизирани за Украина да ја добие својата иднина. Ние го цениме секого од нив. Но за жал, има и такви кои седат во канцеларија само за да останат на функцијата.“
Потсетувајќи дека потпишал указ за отповикување на амбасадорот на Украина во Мароко и дека амбасадорот во Грузија претходно е вратен во земјата, Зеленски истакна: „Со сета почит, доколку [во овие земји] нема да има ограничувања за оружје, санкции или какво било ограничување кон Русија, ве молиме, побарајте друга работа.“
Зеленски истакна дека неговата земја очекува конкретни резултати и од своите амбасади во Латинска Америка, Блискиот Исток, Југоисточна Азија и Африка.