Ekrem Biçeroğlu
23 Мај 2021•Ажурирај: 25 Мај 2021
РАМАЛА (АА) - Генералниот секретар на Централниот комитет на палестинското движење Фатах, Џибрил ал Раџуб, изјави дека ракетите истрелани од Појасот Газа „го потресоа Израел и неговото сфаќање на безбедноста“, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во разговор за палестинската телевизија, Ал Раџуб го пофали успехот на палестинските групи на отпорот против израелските напади врз Газа.
Нагласи дека ракетите истрелани од Газа значително го потресле Израел и неговото сфаќање на безбедноста и додаде дека во градовите во кои живеат Арапи, израелски државјани, не постои заеднички живот и дека Израел има расистичко и фашистичко владеење.
Ал Раџуб истакна дека приоритет на Палестинците во овој момент е „идејата за влада на национално единство“ и дека националниот дијалог е пат да се запре поделбата на Палестина и да се воспостави национално партнерство.
Официјалниот претставник на Фатах порача дека тие се подготвени за втор круг дијалог со Хамас и со сите палестински групи.
Израел и Хамас, со посредство на Египет, во четвртокот вечерта договорија прекин на огнот, со што се стави крај на неколкудневните израелски напади врз Газа.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека во израелските напади врз Појасот Газа од 10 мај досега загинале најмалку 248 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени.