Diyar Güldoğan
05 Јуни 2024•Ажурирај: 06 Јуни 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД) синоќа гласаше за воведување санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС) како одговор на налозите за апсење на израелските лидери побарани од главниот обвинител на судот, јавува Анадолу.
Нацрт-законот беше усвоен по двопартиска линија со 247 наспроти 155 гласа на кои им се придружија 42 демократи и покрај противењето од Белата куќа.
Законот за нелегитимна судска спротивставеност бара задолжителни санкции и визни ограничувања за секое странско лице што работи или обезбедува средства за Меѓународниот кривиен суд во обвинувањата против САД, Израел или кој било друг сојузник на САД што не е страна на МКС.
Гласањето дојде откако главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, минатиот месец препорача подигнување обвиненија за воени злосторства против израелските лидери, меѓу кои и премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.
Белата куќа претходно соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради барањето на обвинителот на МКС за налози за апсење на израелските лидери, но рече дека администрацијата на Бајден „силно се противи“ на законот.
„Постојат поефикасни начини за одбрана на Израел, зачувување на ставот на САД за МКС и промовирање на меѓународната правда и одговорност, а администрацијата е подготвена да работи со Конгресот на тие опции“, беше истакнато во соопштението од понеделникот.
Нацрт-законот е во голема мера симболичен бидејќи САД не ја признаваат јурисдикцијата на МКС.
Минатата недела првите четири лидери на Конгресот официјално го поканија Нетанјаху да одржи обраќање на заедничкиот состанок на Конгресот. Датумот сѐ уште не е одреден.