Abdullah Aşıran
17 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
ХАГ (АА) - Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во холандскиот град Хаг, соопшти дека ја продолжува предистражната постапка дали ќе му се суди на Израел за извршениот масакр во Појасот Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на Судот во изјава за АА истакна дека се загрижени поради можноста за ескалирање на ситуацијата поради употребата на огнено оружје од страна на Израел врз демонстрантите, во која голем број Палестинци беа усмртени, а илјадници се ранети.
Зборувајќи дека Обвинителството продолжува со својата предистражна постапка за состојбата во Палестина, тој изјави: „Би сакал уште еднаш да ги информирам сите страни дека јавниот обвинител на МКС ја продолжува предистражната постапка. Иако предистражната постапка не претставува истрага, сепак, би можела да биде вклучена во истрагата спроведена од страна на Судот околу тврдењата за нови злосторства во врска со случувањата во Палестина. Тоа се однесува на случувањата од последните недели, но и за можните настани во иднина.“
Претставникот на МКС изјави дека јавниот обвинител на Судот ги повикал сите страни да не се дозволи поголема ескалација на настаните.
Јавната обвинителка на МКС, Фату Бенсуда, минатиот месец ја изрази својата загриженост поради несразмерната сила што израелските војници ја употребуваат во настаните на границата со Газа, која е под израелска блокада.
Бенсуда изјави дека е потребно да му се стави крај на насилството од страна на израелските војници, потсетувајќи дека во спротивно, Меѓународниот кривичен суд, во рамките на своите надлежности, ќе поведе судски процес против секое лице кое предизвикува, применува, поттикнува или охрабрува насилство.
Израелските сили усмртија 62, а ранија најмалку 3.000 Палестинци кои учествуваа на масовните демонстрации организирани во знак на протест поради префрлањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс) и во знак на сеќавање на Накба (Големата катастрофа) и големиот егзодус на Палестинците од матичната земја спроведен од страна на Израел.