Ekipa
17 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Рекс Тилерсон, поранешниот државен секретар во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, вчера меѓу редови го критикуваше својот поранешен шеф, а на дипломците на Воениот институт „Вирџинија“ им кажа внимателно да ја бранат вистината, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Додека размислувам за состојбата на нашата американска демократија, забележувам сè поголема криза во етиката и интегритетот. Кога ние како луѓе, како слободни луѓе, одиме несигурно кон вистината, дури и кон она што изгледа како наједноставна работа, тогаш одиме несигурно кон Америка“, изјави Тилерсон на отворањето на свеченоста и продолжи:
„Доколку како Американци не се соочиме со кризата на етика и интегритет во нашето општество и меѓу нашите лидери во јавниот и приватен сектор, за жал, некогаш дури и во непрофитниот сектор, тогаш американската демократија каква што ја познаваме, се наоѓа во зоната на самрак.“
Тилерсон експлицитно не го споменуваше Трамп во своето обраќање вчера, но предупреди дека не прифаќа „алтернативни реалности“, кои не се согласуваат со вистината, што е алузија на „алтернативните факти“, понудени од Белата куќа како објаснување откако Трамп лажеше за бројот на присутни гости на неговата инаугурација.
Тој, исто така, се фокусираше на некои од клучните политики на Трамп, вклучувајќи го и противењето на слободната трговија, велејќи дека „економскиот раст е средство за создавање можности за сите луѓе“. Трамп ги повлече САД од Договорот за слободна трговија во Пацификот и нареди повторно преговарање во врска со Договорот за слободна трговија во Северна Америка.
Трамп и Тилерсон имаа бурни односи, а поранешниот извршен директор на „ExxonMobil“ го советуваше претседателот дека нема потреба да биде истраен на некои свои контроверзни одлуки, како што е повлекувањето од Договорот за нуклеарната програма со Иран.
Трамп го смени Тилерсон и го замени со Мајк Помпео, поранешниот директор на ЦИА, кој очигледно е повоинствен од претходникот, што може да се види по примерот на Иран.