Nour Mahd Ali Abu Aisha,Hamdi Yıldız
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
ГАЗА (АА) - Денеска палестинските новинари во Газа изведоа протест во знак на солидарност со своите колеги кои се наоѓаат притворени во израелските затвори, јавува Anadolu Agency (AA).
На повик на Палестинскиот форум за медиуми, пред зградата на Црвениот крст во Газа се собраа претставниците на медиумите, упатувајќи повик до меѓународната задница да направи притисок врз Израел за да ги ослободи палестинските новинари.
На протестот, во име на Форумот зборуваше Шади Ебу Сабха, кој истакна дека Израел, со цел да ги скрие злосторствата што ги спроведуваат израелските окупаторски сили, продолжува со прекршување на правата на палестинските новинари и медиумските куќи.
Ебу Сабха истакна дека убиствата, притворувањата, ограничувањето на слободата на печатот и изложеноста на секаков вид измачување се дел од извршените најразлични злосторства врз новинарите и претставниците на медиумските куќи. „Форумот само во месец јули документираше околу 90 прекршувања што Израел ги изврши врз палестинските новинари“, рече Ебу Сабха.
Тој истакна дека е потребно меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел, со цел да ги ослободи сите притворени новинари, а меѓународните институции да ја преземат одговорноста наспроти прекршувањата што ги спроведува Израел.
- Новинарите во Газа се директна цел
Меха ел Хусејни, директорката на Евромедитеранската опсерваторија за човекови права информираше дека секојдневно добиваат по десетици жалби за израелските прекршувања врз палестинските новинари.
Хусејни додаде дека новинарите се изложени на најразлични напади, конфискување на нивните возила и материјали, се попречуваат во работата, па дури и се приведуваат. Таа истакна дека со цел да се оневозможи да ја информираат меѓународната јавност за случувањата во Газа, новинарите се директна цел на Израел.
Додаде дека императив на Меѓународниот кривичен суд е казнување на Израел во врска со извршените прекршувања и спроведување на правни, дипломатски, економски и политички санкции врз Израел.
- Во израелските затвори се наоѓаат 27 Палестинци
Комитетот за поддршка на новинарите, кој на едно место ги собра новинарите и писателите од арапскиот свет, вчера даде изјава во која се наведува дека во моментов во израелските затвори се наоѓаат 27 палестински новинари. Од нив двајца се болни, а петмина се наоѓаат во административен притвор.
Во израелските затвори притворени се повеќе од 6.500 Палестинци, од кои 350 се деца.