Emre Gürkan, AbayAli Cura
28 Мај 2023•Ажурирај: 29 Мај 2023
МОСКВА (АА) – Рускиот претседател Владимир Путин му ја честита победата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вториот круг од претседателските избори во Туркије, пренесува Анадолу.
Од московскиот Кремљ е соопштено дека Путин пратил честитка до Ердоган во која навел дека неговиот изборен успех е природен редослед на настаните по неговите несебични напори во досегашното водење на државата.
„Вашата победа е јасен показател за поддршката на турскиот народ на Вашите напори за зајакнување на државниот суверенитет и остварување независна надворешна политика“, наведе Путин во честитката.
Путин му се заблагодари на Ердоган за неговиот личен придонес во јакнењето на пријателските односи и заемно корисната соработка меѓу Туркије и Русија.
„Би сакал да потврдам дека сме подготвени да продолжиме со конструктивен дијалог за актуелните билатерални, регионални и меѓународни прашања“, порача Путин.
Рускиот претседател, исто така, наведе дека му придава важност на доследното спроведување на планираните заеднички руско-турски проекти, особено изградбата на нуклеарната централа „Акују“ и создавање центар за природен гас во Туркије.
„Драг мој пријателе, прими ги моите искрени честитки за повторниот избор за претседател. Ви посакувам успех, здравје и просперитет во одговорната улога шеф на државата“, наведе Путин.