Elena Teslova
07 Септември 2022•Ажурирај: 15 Септември 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека речиси целото украинско жито е транспортирано во земјите на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на Источниот економски форум во Владивосток, Путин предупреди дека светот може да се соочи со хуманитарна катастрофа без преседан, бидејќи Западот го извезува најголемиот дел од житото на Украина во своите земји, а не во земјите во Африка на кои им е потребна помош.
„Сите, речиси сето жито што се извезува од Украина, се испраќа, не во најсиромашните земји во развој, туку во ЕУ. Во рамките на Светската програма за храна на ОН, која вклучува помош за земјите во потреба, само 2 од вкупно 87 брода се натоварени со 60.000 тони храна, од вкупно 2 милиони. Значи само 3 отсто се испраќаат во земјите во развој“, рече рускиот претседател.
Путин додаде дека многу европски земји дејствуваат како колонизатори, измамувајќи ги земјите во развој.
„Очигледно е дека со овој пристап, размерите на светските проблеми со храна, за жал, само ќе се зголемат, што може да доведе до хуманитарна катастрофа без преседан“, рече Путин.
Тој додаде дека ќе размислува за ограничување на извозот на жито и друга храна од Украина и дека на оваа тема дефинитивно ќе се консултира со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
На 22 јули, Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море кои беа блокирани од војната меѓу Русија и Украина.
Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН кои ја надгледуваат испораката.
Од 1 август, во рамките на договорот испловија повеќе од 90 брода со над 2 милиони тони житни производи.