Alma Çekovic
12 Септември 2017•Ажурирај: 13 Септември 2017
МАДРИД (АА) - Шпанскиот тенисер и прв рекет на светот, Рафаел Надал, ги критикуваше плановите за референдум за независност, кој го закажа Владата на Каталонија за 1 октомври, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шпанската Влада и Уставниот суд го сметаат референдумот за незаконски, а таков став зазеде и Надал, кој во изјавата за „El Mundo“ изјави дека референдумот на 1 октомври не треба да се одржи.
„Според моето мислење, секој мора да го почитува законот. Законите се такви какви што се, и никој не може да ги избегне“, изјави Надал.
Триесет и едногодишниот шпански тенисер, кој во неделата, на „US open“ (УС опен) го освои својот 16. Гренд слем турнир, израсна во Мајорка и зборува каталонски. Како што рече, многу е близу до Каталонците, но исто така се чувствува како Шпанец.
„Јас не ја разбирам Шпанија без Каталонија. Не сакам тоа да го разберам или да го видам. Верувам дека ќе можеме да се разбереме и мислам дека се обидуваме да се разбереме едни со други, бидејќи без сомнение, ние сме посилни заедно отколку одвоени. Според моето мислење, Шпанија е подобра со Каталонија и Каталонија е подобра со Шпанија“, рече Надал.