Fatma Zehra Solmaz
19 Јуни 2025•Ажурирај: 22 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Анкета спроведена од „Вашингтон пост“ објавена денес покажува дека речиси половина од Американците се против воздушни напади на Соединетите Американски Држави (САД) врз Иран, а само една четвртина изразиле поддршка, јавува Анадолу.
Анкетата, спроведена преку СМС-пораки во текот на вчерашниот ден со над 1.000 одговори, покажа дека 45 % од учесниците се противат на воената акција на САД, 25 % се изјасниле дека би поддржале таков потег, а 30 % се неодлучни.
Анкетата е спроведена во време на растечки конфликти на Блискиот Исток, додека Вашингтон размислува за својот одговор на случувањата за конфликтот меѓу Иран и Израел.
Резултатите укажуваат на значително ниво на скептицизам на јавноста за воена ескалација, со разлика од 20 поени помеѓу оние кои се против и оние кои се за.
Две третини од демократите изразија противење на воена акција, што го нагласува силното антивоено расположение во рамките на базата на партијата.
Спротивно на тоа, 47 % од учесниците во анкетата кои се републиканци рекле дека би ги поддржале нападите, додека 24 % се спротивставиле на нив, додека 29 % биле неодлучни.
Меѓу оние кои гласале за Трамп, 46 % се за воздушни напади врз Иран, 26 % се против нив, а 28 % се неодлучни.
Околу еден од пет Американци верува дека нуклеарната програма на Иран претставува „непосредна и сериозна закана“ за САД, речиси половина ја гледаат како „донекаде сериозна закана“, а една третина ја гледаат како помалку заканувачка.
Околу четири од 10 Американци велат дека се „многу загрижени“ за вклучувањето на САД во целосна војна со Иран, додека слично толку велат дека се „донекаде загрижени“.