Ahmet Dursun
26 Септември 2020•Ажурирај: 27 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани истакна дека како резултат на едностраните санкции на Соединетите Американски Држави (САД), Иран претрпел штета од најмалку 150 милијарди долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на иранската државна телевизија, на состанокот на Националниот совет за борба против коронавирусот одржан во Техеран, Рохани говорел за актуелните теми, ги коментирал и критиките што Владата ги добила од претседателот на иранскиот Парламент, Мухамед Бакир Калибаф, и од другите страни поради лошата економска состојба во Иран.
„Ако народот се жали на недостатоци и проблеми, тогаш адреса за тоа е Белата куќа во Вашингтон. Никој да не ги насочува луѓето на погрешни адреси заради остварување политички интереси“, рече Рохани.
Според иранскиот претседател, изворот на сите проблеми во земјата се ционистите, заостанатите режими во регионот и радикално пристрасната политика на некои кругови во САД против Иран.
Тој особено го критикуваше министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, за кого рече дека не e министер за надворешни работи, туку како што рече, министер за криминал во САД.
„Американците се горди и се фалат со непријателството и нападите врз иранскиот народ. Иранскиот народ ќе ја пробие опсадата на Трамп, исто како што ја проби опсадата на Садам пред 40 години“, рече тој.
Рохани истакна дека американските нелегални санкции му нанеле штета на Иран од најмалку 150 милијарди долари.