Zehra Ulucak
20 Декември 2017•Ажурирај: 20 Декември 2017
ЊУЈОРК (АА) - САД го обвинија Иран за грубо кршење на резолуцијата на ОН и во Советот за безбедност побараа воведување на санкции на официјален Техеран, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли, на седницата на Советот за безбедност изјави дека Иран испорачува артилериски проектили на шиитското бунтовничко движење на Хусите во Јемен, и на тој начин предизвикува дестабилизација на регионот.
Петте постојани членки на Советот за безбедност и Германија (Група 5+1) пред две години постигнаа договор за нуклеарната програма со Иран, а амбасадорката Хејли најави дека САД наскоро со членките на Советот за безбедност ќе разговара за однесувањето на Иран.
Хејли тврди дека Советот за безбедност мора да донесе резолуција за целосна забрана на производство балистички ракети во Иран, и ја повика меѓународната заедница да се спротистави на иранската продажба на оружје и поддршка на тероризмот.
Претставникот на Русија во Советот за безбедност, Владимир Сафраков, изјави дека Иран треба да води дијалог и така да се надминат несогласувањата, а заканите и санкциите се последна опција.
„За имплементација на договорот со Иран потребно е да се заврши реториката на закани и санкции и да започне да се користи дијалогот за јакнење на взаемната доверба“, порача Сафранков.
Шефот на иранската дипломатија, Џавад Зариф, изјави дека обвиненијата на американската амбасадорка Хејли се неосновани и дека Техеран ги гледа како обид на САД да ги прикријат своите злосторства во регионот.