Sayed Khodaberdi Sadat
07 Февруари 2018•Ажурирај: 08 Февруари 2018
КАБУЛ (AA) - Американските сили на НАТО во Авганистан со бомбардер „Б-52“ го бомбардираа талибанскиот тренинг-камп во провинцијата Бадахшан, во северниот дел на земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението објавено од страна на американските сили во Авганистан, се истакнува дека американските сили го нападнале талибанскиот тренинг-камп со бомбардер „Б-52“ во областа Бадахшан, што се граничи со Кина и Таџикистан.
Во изјавата е нагласено дека оружјето што е сопственост на Талибанците било уништено во нападот. Целта на воздушниот напад била спречување на инфилтрирањето на припадниците на терористичките организации.
Исто така, во соопштението се вели дека Талибанците се соочуваат со неуспех на бојното поле и затоа се насочуваат кон таргетирање цивили.
Сè уште не е соопштено колку терористи се убиени.
Минатата година американските војници го користеа „GBU-43“, познат како „бастион на сите бомби“ против терористичката организација ДАЕШ во провинцијата Нангархар, источно од земјата.
- Се зголемија терористичките напади -
Терористичките инциденти во Авганистан значително се зголемени. Во 22 терористички напади извршени од страна на Талибанците и ДАЕШ во јануари, беа убиени 282 цивили, а повредени повеќе од 500 лица.
Повеќе од 250 лица беа повредени, а 103 лица загинаа при самоубиствен бомбашки напад извршен со амбулантско возило во близина на поранешната зграда на Министерството за внатрешни работи.
Поради сериозноста на нападот, голем број од жртвите сè уште не се идентификувани.
Забележано е дека постојат промени во изборот на методи и цели во терористичките инциденти во Авганистан и зголемени се нападите врз цивилите. И Талибанците и ДЕАШ напаѓаат „лесни цели“, каде што се наоѓаат цивили наместо воени територии. Експертите велат дека и двете организации се обидуваат да ја дадат пораката „ние сме силни“, благодарение на нападите врз „лесните цели“ каде што имаат големи шанси за успех.
- Нова стратегија на САД во Авганистан -
Од август 2017 година, кога американскиот претседател, Доналд Трамп, ја објави својата нова стратегија, американските воени авиони ги зголемија воздушните напади против терористичките групи. Американските авиони фрлија 503 бомби во август 2017 година и 751 во септември 2017 година.
Трамп, кој зборуваше за новата стратегија за Авганистан во воената база „Форт Маер“ во Вирџинија, рече дека треба да се продолжи со борбата за спречување на „предвидливите и неприфатливи последици“ на повлекувањето на САД од Авганистан.
„Авганистанците ќе ја градат својата нација и ќе ја одредат сопствената иднина и сакаме тие да бидат успешни“, рече Трамп, нагласувајќи го фактот дека САД ќе дејствуваат во согласност со ситуацијата во Авганистан.