Beyza Binnur Dönmez
01 Април 2020•Ажурирај: 01 Април 2020
АНКАРА
Американскиот Стејт департмент денес објави дека Вашингтон обновува неколку санкции против нуклеарната програма на Иран во услови на пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„САД обновуваат четири ограничувања врз иранската нуклеарна програма за додатни 60 дена“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортагус.
И покрај извештаите во медиумите, САД сè уште официјално не потврдија дека на некои американски и странски бизниси им се продолжени олеснувањата од санкциите за да соработуваат со Иран.
Според американскиот политички весник „Хил“, на одлуката за олеснување се спротивставил американскиот државен секретар, Мајк Помпео, но секретарот за финансии Стивен Мнучин ја бранел потребата од продолжување на олеснувањата во пресрет на тешките критики со кои се соочи администрацијата на Трамп.
Иран, Кина, Русија и голем број други земји гласно говорат за укинувањето на санкциите на САД во време кога земјите се борат против ширењето на коронавирусот.
Ортагус даде забелешки по неколку дена откако иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, ги обвини американските санкции поради неможноста на Иран да добие медицински материјали за борба против Ковид-19.
Зариф ги обвини САД дека вршат медицински терор, и напиша на Твитер: „Ова дури и го надминува она што би било дозволено на бојното поле.“
Ортагус ги критикуваше континуираните ирански напори за проширување на нуклеарното збогатување.
„Постојаното проширување на нуклеарните активности на Иран е неприфатливо. Нуклеарното изнудување на режимот е меѓу најголемите закани за меѓународниот мир и безбедност“, рече таа.
Повторувајќи ги зборовите на американскиот претседател Доналд Трамп, таа нагласи дека на Иран никогаш нема да му биде дозволено да има нуклеарно оружје.
Ортагус рече дека Соединетите Држави ќе продолжат „да го користат целиот спектар на дипломатски и економски алатки за да ги ограничат дестабилизирачките активности на Иран за зголемување на нуклеарната програма“ и „внимателно да ги следат сите случувања во иранската нуклеарна програма“.
Таа додаде дека сегашните ограничувања може да се приспособат „во секое време“.
Минатата недела, високиот комесар на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, повика на ублажување на санкциите кон неколку земји, вклучително и кон Иран, за да им се овозможи на нивните здравствени системи да се изборат со вирусот и да го ограничат глобалното ширење на Ковид-19.
По епидемијата со новиот тип коронавирус што се појави во кинескиот град Вухан во декември минатата година, вирусот неодамна се прошири во уште најмалку 179 земји и региони низ светот, а Европа стана епицентар на пандемијата, додека Кина излегува од кризата.
Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во светот од коронавирусот се заразени повеќе од 859.796 луѓе. Од последиците предизвикани од заразеност со новиот тип коронавирус починаа повеќе од 42.341 лице, а излекувани се 178.301 лице.