Ekipa
21 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Во Њујорк рано утрово е уапсен поранешниот чувар на германскиот концентрационен логор „Травники“ во Полска, Јакив Палиј, и е екстрадиран во Германија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Депортацијата на овој 95-годишник, последниот нацист, осомничен за воени злосторства, уследи 25 години откако тој за првпат се соочи со истражителите на своето минато од Втората светска војна. Тогаш призна дека лажел при влезот во Соединетите Американски Држави (САД), тврдејќи дека војната ја поминал како земјоделец и работник во фабрика.
Палиј со години живееше во САД како уметник и пензионер, сѐ додека неговото име не беше откриено на стариот список на нацисти. Еден поранешен стражар им ја открил тајната на канадските власти дека Палиј живее некаде во Америка.
„Не би добил виза да ја кажев вистината. Сите лажеа“, рече Палиј уште во 1993 година.
Судијата во 2003 година му го одзеде државјанството на Палиј и нареди негова депортација поради учество во дела против еврејските цивили во логорот „Травники“, во окупираната Полска.
Но, Германија, Полска и Украина одбија да го примат Палиј кој продолжи да живее во Њујорк. Тоа предизвика гнев кај еврејската заедница.
Палиј во „Травники“ бил во 1943 година, кога во логорот се убиени 6.000 затвореници. Тој тврди дека не учествувал во воените злосторства.
Се проценува дека по Втората светска војна во САД се населиле околу 10.000 нацисти. Депортирани се 67. Исто така, деветмина починале во САД, додека 28 при екстрадициите.