Beyza Binnur Dönmez
27 Септември 2019•Ажурирај: 29 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на САД, Марк Еспер, вчера објави дека Вашингтон ќе распореди 200 трупи во Саудиска Арабија поради нападите врз нафтените објекти, јавува Anadolu Agency (AA).
„Како последица на неодамнешните напади врз Кралството Саудиска Арабија, како и врз основа на нивно барање, американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, објави дека САД ќе ја распоредат следната опрема во Кралството: една батерија „Патриот“, четири радари „Сентинел“ и речиси 200 војници за поддршка“, изјави портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман.
Одлуката се случи една недела откако американскиот државен секретар, Мајк Помпео, рече дека е „уверен“ оти САД ќе го започнат ова прашање за време на состаноците на Генералното собрание на ОН во Њујорк оваа недела.
САД сè повеќе ја насочуваат вината кон Иран за нападите врз нафтените објекти „Арамко“ во источниот дел на Саудиска Арабија. За овие напади одговорност презедоа јеменските бунтовници Хуси поддржани од Техеран.
Иран негираше каква било вмешаност во нападите, но сепак регионалните тензии се зголемуваат поради шпекулациите за одмазда од САД и нивните сојузници.
„Со ова распоредување ќе се зголеми воздушната и ракетната одбрана на Кралството на критичната воена и цивилна инфраструктура. Ова распоредување го зголемува веќе значајното присуство на американските сили во регионот“, рече Хофман.
Истакнувајќи дека Еспер, исто така, одобрил распоредување дополнителни сили, тој рече дека сè уште не е донесена таа одлука, како и одлуката за распоредување две батерии „Патриот“ и еден систем за одбрана на подрачјето со висока надморска височина (THAAD), додека трупите ќе одржуваат „засилена состојба на подготвеност“.
„Важно е да се напомене дека овие чекори се покажување на нашата посветеност кон регионалните партнери и безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток“, рече Хофман.