Kasım İleri
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
ВАШИНГТОН (АА)
Истрагата на американските копнени сили за воздушниот напад во Ел Багуз, Сирија во 2019 година, во кој беа убиени десетици деца и жени, заклучи дека „во операцијата не бил прекршен законот за војна“, известува Агенција Анадолија (АА).
Генерал Мајкл Гарет од американските копнени сили ја заврши истрагата што му ја довери министерот за одбрана, Лојд Остин, во врска со воздушниот напад што американските сили го изведоа во Ел Багуз на 18 март 2019 година. За настанот кој на виделина излезе во јануари и предизвика контроверзии во САД поради цивилните жртви, американската страна како изговор го изнесуваше фактот дека нападот е извршен како поддршка на терористичката организација ЈПГ/ПКК, за која САД го користат називот СДГ.
Во својот извештај генерал Гарет тврди дека нападот бил извршен во согласност со правилата за задолженија и дека не биле откриени прекршувања на законите на војната.
Американскиот генерал изјави дека командантот задолжен за операцијата „повеќепати добивал потврда дека во подрачјето на нападот нема цивили“, по што дал дозвола за воздушен напад.
Генералот Гарет во својот извештај, истакнувајќи дека првичната истрага за нападот не била спроведена со доволно внимание и дека извештаите не биле доставени навреме, вели „Нема докази за поддршка на тврдењето дека овие пропусти биле злонамерни или биле донесени за да се сокријат одлуки или одредени дејствија.“
Давајќи изјава во врска со истрагата, американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, рече: „Се разочарав кога дознав дека недостигаат некои аспекти од првичната истрага за инцидентот, а роковите биле пречекорени. Имаше недостиг на информации кои оневозможија целосна проценка и досието беше оставено отворено со месеци.“
– Портпаролот на Пентагон: „Барем ние зборуваме на оваа тема“
Истрагата за нападот во Ел Багуз беше на дневен ред и на дневната прес-конференција во Пентагон.
На прашањето од голем број новинари зошто не се казнети одговорните за нападот во кој беа убиени повеќе од 80 лица, портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, одговори: „Барем излегуваме пред бината и зборуваме за цивилните жртви. Ова нема да го слушнете од руското Министерство за одбрана. Ние одговараме на вашите прашања. Споделуваме извештај за цивилни жртви.“
„Секогаш кога зборувате за овој напад, го споредувате рускиот пристап кон цивилните жртви со оној на САД. Зборуваме дека рускиот напад врз зграда со деца и цивили во Мариупол може да биде воено злосторство, но видовме дека и тука загинаа жени и деца. Да, вие излеговте тука и на транспарентен начин зборувате за нападот, но тоа не го менува фактот дека и САД убиле десетици жени и деца. Зошто се споредувате себеси со Русија и се обидувате да го легитимирате тоа што го сторивте?“, прашањето што го постави новинарот на АА го налути Кирби.
Кирби одговори дека „не се обиделе ништо да легитимираат“ и дека признале дека убиле цивили, додавајќи дека за истрагата за нападот бил назначен генерал од високо ниво, но дека во текот на истрагата не биле откриени прекршувања на законите за војна или несоодветно однесување во процесот на одлучување.
Портпаролот Кирби изјави дека треба да се забележи разликата кај САД, дека САД отворено зборуваат за своите грешки како модерна армија и дека за тоа може да се дискутира во текот на денот. На прашањето на новинарот на АА „Која е поентата цел ден да се зборува за ова прашање или да се подготвуваат извештаи ако нема одговорност?“, Кирби одговори:
„Се преиспитуваме себеси. Ви дозволуваме да видите сè. Дали некој е отпуштен сега поради оваа вест? Не. Тоа не е затоа што се обидуваме да ја заштитиме кариерата на нашиот персонал. Генералот Гарет во целост го разгледа нападот од независен аспект. Затоа не можам да ги сменам фактите. Јас не ја спроведов истрагата, тој ја спроведе. И министерот избра генерал кој е целосно независен од настанот за да ја спроведе истрагата. Генералот по истрагата информира дека нема прекршување на законите на војната. Немаше потреба да се бара лице кое е лично одговорно за она што се случи тој ден.“
Покрај тоа, Кирби рече дека им е жал за загинатите и додаде дека се извиниле.
– Нападот во Ел Багуз
Весникот „Њујорк тајмс“ објави вест во која се наведува дека на барање на тајната американска единица која соработувала со терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија, на 18 март 2019 година е извршен напад врз камп во кој се наоѓале семејствата на припадниците на терористичката организација ДЕАШ.
Во веста беше наведено дека повеќе од 80 луѓе се убиени, главно деца и жени, во нападот на кампот во Ел Багуз.
Весникот подоцна објави дека Американската армија го прикрила овој напад.
По оваа вест, министерот за одбрана, Остин, нареди да се спроведе истрага за овој напад.