БРИСЕЛ (АА) ‒ Иако војната во Украина ги поттикна Финска и Шведска да направат пресврт во надворешната политика и да бараат членство во НАТО, патот до претстојното членство вклучува долг процес во повеќе чекори, јавува Агенција Анадолија (АА).
За да може НАТО да прифати нови членки, а и Босна и Херцеговина, Грузија и Украина сега бараат членство на сличен начин, мора да се исполнат различни услови и да се завршат правните процеси.
Во 1949 година, по завршувањето на Втората светска војна, НАТО го основаа 12 земји: САД, Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Холандија, Норвешка, Португалија, Луксембург, Исланд, Данска и Белгија. Турција, заедно со Грција, се приклучи на Алијансата во 1952 година, а во февруари двете земји ја одбележаа 70-годишнината од пристапувањето во неа.
За 73 години од основањето на Алијансата, бројот на членки се зголеми од 12 на 30, преку осум брана на нејзино проширување.
Првите земји беа Турција и Грција. Во 1955 година, тогашната Западна Германија влезе во НАТО, а во 1982 година Шпанија стана членка. По пристапувањето на Чешка, Унгарија и Полска во 1999 година, бројот на членки се зголеми на 19.
Во 2004 година се приклучија Романија, Словачка, Словенија и Бугарија, заедно со балтичките држави Летонија, Литванија и Естонија.
Албанија и Хрватска станаа членки во 2009 година, Црна Гора во 2017 година и конечно, Северна Македонија во 2020 година.
Членството на Северна Македонија стана возможно дури по решавањето на долгогодишниот спор за името со соседна Грција.
Грција долги години го блокираше членството во НАТО, а се согласи дури кога земјата официјално стана Северна Македонија.
По решавањето на проблемот со името во 2018 година, Грција го укина ветото, а Северна Македонија беше поканета да ги започне преговорите за членство во НАТО. Северна Македонија официјално стана членка на Алијансата во март 2020 година.
Во овие бранови на проширување, некои земји најавија дека сакаат да станат членки на НАТО, но нивните напори допрва треба да вродат со плод. Тоа се Босна и Херцеговина, Украина и Грузија.
На Самитот на НАТО во 2008 година во романската престолнина Букурешт беше договорено Грузија и Украина во иднина да станат членки на НАТО, но ниту една земја не доби конкретен датум.
Балканската држава Босна и Херцеговина во 2010 година беше поканета да биде вклучена во Акциониот план за членство во НАТО.
Со децении Шведска и Финска заземаа неутрален надворешнополитички став во регионот, но руско-украинската војна што започна на 24 февруари го промени нивниот пристап, при што и јавноста и повеќето политичари станаа поддржувачи на членството во НАТО.
Финска со Русија има граница во должина од 1.500 километри. Борејќи се против Советскиот Сојуз во Втората светска војна, Финска загуби околу 10 отсто од својата територија, пресели 11 отсто од своето население и плати воена отштета од околу 5 милијарди евра.
По овие загуби, договорот на Финска со Советскиот Сојуз доведе до тоа земјата да биде воено неврзана долги години. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Финска стана членка на Европската Унија и го прифати еврото како национална валута, но не влезе во НАТО.
Долги години, само околу 20 отсто од финската јавност сакаше членство во НАТО. Сепак, по рускиот напад на Украина на 24 февруари, процентот на Финци кои го поддржуваат членството во НАТО се искачи на повеќе од 70 отсто.
Откако Финска го смени пристапот и направи пресврт, и нејзиниот сосед Шведска реши да аплицира за членство во НАТО.
По борбата против Русија во 1809 година и губењето на територијата на денешна Финска во таа војна, Шведска не се сретна со Русија на бојното поле речиси два века. Земјата остана неутрална и за време на Втората светска војна и за време на Студената војна.
Сепак, документите откриени од поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден откриваат дека Шведска била во таен дослух со САД во 1950-тите.
Како дел од нивната соработка, САД наводно ветиле дека ќе помогнат доколку Шведска биде нападната од Русија.
Во сегашните напори на Шведска и Финска за влез во НАТО, до израз дојдоа приговорите на Турција кон овие држави поради тоа што не зазеле јасен став против терористичките групи.
За која било нова членка да се приклучи кон НАТО потребна е едногласна согласност на сите членки на Алијансата, вклучително и Турција.
Во последните пет години ниту Шведска ниту Финска не ги исполнија барањата на Турција за екстрадиција на десетина терористи.
Минатиот петок турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека одредени скандинавски земји ефективно дејствувале како „пансиони“ за терористичките групи.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, исто така изрази резерви во однос на приклучувањето на Финска и Шведска во НАТО, наведувајќи ја нивната поддршка кон терористичката група ЈПГ/ПКК.
Во својата повеќе од 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која е на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Според член 10 од повелбата на Алијансата, НАТО ја применува политиката на „отворени врати“ за земјите кои бараат членство во сојузот.
Во написот се вели дека државите потписнички на основачкиот договор од Вашингтон можат да поканат која било европска земја да се придружи на Алијансата за да придонесе за безбедноста на северноатлантскиот регион.
Меѓутоа, за една држава да се придружи на НАТО потребно е едногласно одобрение, кое е еднакво на одобрението на сите 30 постоечки земји сојузнички.
Членството во НАТО вообичаено подразбира долготраен процес во повеќе фази.
Според тоа, кога една држава сака да се приклучи кон Алијансата, НАТО испраќа официјален повик кон таа земја. Потоа започнува процес на влез во седум чекори.
Во првиот чекор, експертите на НАТО и претставниците на повиканите земји се состануваат во Брисел и разговараат. На сите состаноци се разговара за тоа дали повиканата земја ги исполнува политичките, правните и воените барања на НАТО и дали може да ги исполни економските, воените, правните, политичките и разузнавачките обврски од членството во НАТО. Според тие преговори се утврдува дали повиканата земја ќе се реформира за да ги исполни условите и стандардите на НАТО.
За вториот чекор, повиканата земја испраќа официјално писмо со намери (pismo namjere) на генералниот секретар на НАТО и изјавува дека ги прифаќа обврските за членство во НАТО. Во случај на потреба од реформи, писмото со намери подразбира и план на неговото спроведување.
За третиот чекор, НАТО подготвува дополнителни протоколи во пристапувањето на Договорот од Вашингтон. Со тоа договорот од основањето на сојузот, на некој начин е обновен. Овие протоколи ги потпишуваат членките на НАТО.
За четвртиот чекор, протоколите мора да бидат ратификувани од земјите членки на НАТО во согласност со нивните национални закони и процедури. Процесот на одобрување се разликува од земја до земја. На пример, за одобрување во САД потребни се две третини од гласовите на Сенатот, додека формално гласање во британскиот Парламент не е потребно.
Во петтиот чекор, сите држави членки, по завршувањето на процесот на ратификација, испраќаат соопштение на САД, каде што се наоѓа договорот, дека ги прифатиле протоколите кои предвидуваат пристапување на нова земја членка.
Кога сиве овие фази ќе се завршат, во шестиот чекор генералниот секретар на НАТО ја повикува новата членка да се придружи на Алијансата.
Конечно, новата членка го завршува својот национален правен процес, го поднесува својот пристапен документ и станува членка на НАТО.
Минатиот месец, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече „ако одлучат да се приклучат, Финска и Шведска би биле срдечно добредојдени и очекувам дека тој процес ќе оди брзо“, но нејасно е колку тој процес би можел да биде скратен, особено кога ќе се земе предвид дека другите членки морале да вложуваат напори со години пред конечно да се придружат на сојузот.
news_share_descriptionsubscription_contact
