Gözde Bayar
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Американска конгресменка денес упати повик до „Фејсбук“ да го одложи лансирањето на својата нова криптовалута, додека Конресот не го испита тоа, пренесува Anadolu Agency (AA)
„Со оглед на проблематичното минато на компанијата, барам од „Фејсбук“ да се согласи на мораториум за кој било преземен чекор кон развивање на криптовалутата, сè додека Конгресот и регулаторите не добијат можност да ги испитаат овие прашања и да преземат дејствие“, изјави американската конгресменка, Максин Вотерс, која беше цитирана од „Би-би-си“ (BBC).
Таа ги даде овие изјави кратко откако „Фејсбук“ го најави новиот проект за криптовалутата именувана „Либра“, која треба да биде пуштена во 2020 година.
Фејсбук вчера соопшти дека новиот систем на плаќање „Калибра“, ќе воведе нова дигитална валута наречена „Либра“, која ќе има за цел да обезбеди финансиски услуги, овозможувајќи им на луѓето да извршуваат плаќање преку апликациите на Фејсбук и Ватсап (WhatsApp).
Вотерс ја критикуваше неконтролираната експанзија на Фејсбук.
„Со најавата дека планира да создаде криптовалута, „Фејсбук“ продолжува со својата непроверена експанзија и продлабочување на својот дофат во животите на своите корисници“, рече таа.
Вотерс е американска политичарка на функцијата претставник на Соединетите Американски Држави (САД) за 43-та конгресна област во Калифорнија од 2013 година. Како член на Демократската партија, Вотерс моментално е во нејзиниот 15-ти мандат во Претставничкиот дом, од 1991 година.
„Калибра ќе ви овозможи да испратите „Либра“ речиси на секој што има смартфон, толку лесно и брзо, како што може да испратите текстуална порака по најниска цена или бесплатно“, беше истакнато во соопштението на Фејсбук.
Од компанијата, исто така, нагласуваат дека сè уште се на почетокот од процесот за развивање на „Калибра“ и дека ќе се консултираат со експерти за да се осигура безбедноста на производот.