Aşkın Kıyağan
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
ВИЕНА (АА) - Населението од градот Виекендорф, Австрија, не сака палестинско муслиманско семејство да се досели во градот, па со таа цел започнаа кампања за собирање потписи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ерик Шмид, директор за јавна инфраструктура на градот Виекендорф, во изјавата за медиумите рече дека населението на градот започнало да собира потписи за да се спречи продажбата на имот на муслиманско семејство.
Истакнувајќи дека над 100 луѓе се потпишале во кампањата, Шмид рече дека членовите на палестинското семејство не се австриски државјани и затоа не ги исполнуваат условите за купување имот во нивниот град.
Палестинското семејство Ал Хусна, кое живее во Австрија речиси 9 години, на почетокот на месецот поднесе барање до општината за купување имот во градот Виекендорф. Градоначалникот Јохан Цимерман не му дозволи на муслиманското семејство да купи имот со образложение дека исламската и западната култура биле премногу оддалечени една од друга.
Таткото Халит Мансур Ебу ел Хусна, реагираше на одлуката на градоначалникот, кој не им дал потврда за да може да купат имот.
„Ние во секој поглед живееме во хармонија со оваа земја. До ден-денес не бевме споменати со нешто негативно. Причината поради којашто градоначалникот нѐ одби е отворена дискриминација, вон секоја човечност“, рече Халит Мансур.
Откако за настанот почна да се пишува нашироко во медиумите, Комисијата за прашања поврзани со реконструкција на општината одлучи повторно да ја преиспита апликацијата на палестинското семејство.