Kasım İleri
27 Април 2018•Ажурирај: 28 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Државниот секретар за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД), Џим Матис, во Пентагон оствари средба со министерот за одбрана на Израел, Авигдор Либерман, јавува Anadolu Agency (AA).
Двајцата министри дадоа изјава за медиумите пред средбата, во која наведоа дека ќе разговараат околу соработката меѓу САД и Израел, како и за регионалните прашања.
Матис истакна дека меѓу САД и Израел постојат цврсти врски. „Како што рече претседателот (Роналд) Реган во 1982 година, САД не се откажаа од посветеноста кон израелската држава, посветеност која останува непоколеблива“, додаде Матис.
Матис тврди дека соработката меѓу двете земји ќе ја обезбеди стабилноста и безбедноста на Блискиот Исток против Иран.
На новинарското прашање дали се согласува со изјавата на Израел, во која се вели дека испораката на оружје од Иран во Сирија е со цел напаѓање на Израел, Матис рече: „Моментално не можам да се сетам на некоја друга цел“.
Запрашан дали САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Иран, Матис нагласи дека сè уште не е донесена одлука околу тоа.
Матис се осврна и на тврдењето дека Русија ќе обезбеди воздушни одбранбени системи од типот „S-300“ за сирискиот режим, и истакна дека сè што ќе се направи за продолжување на сириската војна е трагедија.
Укажувајќи на потребата за застанување зад процесот во Женева, и постигнување дипломатско решение, Матис нагласи: „(Специјалниот претставник на ОН за Сирија) Стефан де Мистура работи на тоа. Русија треба да му помогне нему, ако сака стабилност на Блискиот Исток“.
Израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, рече дека ја ценат одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за преместување на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), и додаде дека тоа е историска одлука.
Израелскиот министер истакна дека најголемиот проблем на Блискиот Исток е Иран. Тој го обвини Иран за внатрешните немири во Сирија, Јемен, Ирак и Либан.