Mücahit Oktay
26 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
ЊУЈОРК (АА) - Раководството на средното училиште „Риџфилд Меморијал“ во Берген, американската сојузна држава Њу Џерси, започна истрага против наставникот и го суспендира од работа сè до завршување на процесот бидејќи на еден ученик муслиман на час му се обратил со зборовите: „Не преговараме со терористи“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Летиција Пантолиано, привремена инспекторка за државните училишта „Риџфилд“, во врска со настанот рече: „Училишната управа на Риџфилд не толерира никаква форма на дискриминација против ученик или член на персоналот, и се стреми да создаде инклузивна средина каде што учениците и персоналот ќе бидат прифатени според нивната раса, религија, национално потекло и сексуална ориентација.“
Истакнувајќи дека против наставникот е покрената истрага и дека веднаш е суспендиран, Пантолиано рече дека управата на училиштето ќе ги искористи сите правни алатки против наставникот.
Средношколецот муслиман со арапско потекло, Мухамед Зуби (17), минатата недела за време на часот го прашал својот наставник по математика: „Дали може остатокот од задачата да ја завршам дома? Наставникот на неговото прашање одговорил: „Не преговараме со терористи.“
Исламофобичниот одговор кој наставникот му го дал на Зуби, и покрај тоа што знаел дека е муслиман, го слушнале голем број ученици во класот.
Ученикот по име Вук Томасесе во изјава за медиумите го потврдил инцидентот на кој бил сведок.
Се наведува дека Зуби, кој е и капитен на фудбалскиот тим на средното училиште „Риџфилд Меморијал“, не сака да се врати на училиште по инцидентот.