Sümeyye Dilara Dinçer
25 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, нагласи дека САД ќе дадат сè од себе за да ѝ помогнат на Украина да ја постигне својата цел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Остин и американскиот државен секретар Ентони Блинкен дадоа изјави за медиумите во Полска по вчерашната средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Киев.
Истакнувајќи дека Зеленски е решен да ја добие борбата против Русија, Остин рече: „Ќе дадеме сè од себе за да ѝ помогнеме на Украина да ја постигне својата цел.“
„Зеленски има ментален склоп да победи, а ние знаеме како да им помогнеме за да победат“, рече Остин.
Тој рече дека Русија е повлечена од шумските северни региони за да се фокусира на источниот индустриски центар Донбас, и дека во Украина природата на војната е променета.
Остин истакна дека исто така се променети и воените потреби на земјата, и дека Зеленски се фокусирал повеќе на тенкови, артилерија и друга муниција.
„Првиот чекор за победа е да веруваш дека можеш да победиш“, рече Остин додавајќи дека верува во победата доколку се има соодветната опрема и поддршка.
Зеленски вчера објави дека со Блинкен и Остин разговарале за прашањата за помош на Украина и за зајакнување на санкциите против Русија.